ВИДЕО: Отворена изложба на слики од Мајкл Клос во Куманово

Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер беше отворена изложба на слики на авторот Мајкл Клос, канадски уметник со македонски корени. Присутните имаа можност да ја видат најновата продукција од овој автор, 25 слики работени во рамките на повеќегодишниот проект „Сликарството на патот на хуманоста“.

– Се работи за една сестрана личност која своето творештво се обидува на некој начин да претстави на целиот свет. Воглавно неговите решенија на оваа тема се стилизирани лица кои се дадени во една, ако така можам да кажам, геометриска форма каде што Мајкл бојата ја користи како цртеж, а делејќи ги лицата на повеќе парцели, повеќе сегменти се обидува да даде и едно психичка интерпретација на самиот лик кој ги претставува, меѓутоа се тоа се обидува да го стави во едни универзални рамки со што неговите дела би биле читливи за сите луѓе. Она што го краси Мајкл е неговата одење кон универзалност, кон поврзување со повеќе култури и на тој начин тој сака да направи еден мост помеѓу него и помеѓу оние делови од публиката кои го конзумираат неговото сликарство, рече Роберт Цветковски, историчар на уметност

Мајкл Клос е роден во Торонто, а дипломирал сликарство во Канада. Реализирал стотина изложби, а голем дел од нив се во рамките на проектот „Сликарството на патот на хуманоста“ којшто Клос  континуирано го реализира со неговата сопруга Менка, историчар на уметност и кустос.

-Досега има реализирано околу 130 самостојни изложби во многу локални, интернационални и национални галерии низ светот. Доволно е да се издвојат само изложбите во некои земји: Романија, Соломонските острови , Виетнам, Словенија, Хрватска, Турција, Египет, Франција, Германија, Русија, Казахстан. Над 40 години,  Клос  претежно во Канада, работел на филм, ТВ и во театар, како сценограф и уметнички директор, а понекогаш и како актер, рече Цветковски.

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 14-ти септември годинава.

Коментари

коментар(и)