(ВИДЕО) Продолжи протестот против промена на учителките

Втор ден продолжи бојкотот на родителите, за честите промени на учителки во двете паралелки во основното училиште „Крсте Мисирков“. Родителите и овој ден не ги пуштија на училиште учениците од петто-А и петто- Д. Нагласуваат дека ќе продолжат со протестите се додека не се слушне нивниот глас. На денешниот протест раскажаа дека го повикале и раководителот на Секторот за образование, но тој не се појави.

-Малку не повредува како родители тој игнорантски однос кон нашите деца, кон нивни чувства. Вчера се слушнав со раководителот на Секторот за образование, се договоривме денеска во 10 часот да биде тука, но не се појави. На телефонските повици не одговара, ние нема да се откажеме, револтирани сме од целата состојба која што се провлекува последните две години, нема да се откажеме ниту понатаму. Ќе бидеме тука, ќе бараме средби со градоначланикот, да се слушне нашиот глас, да се слушне што се случува со децата кои на општеството треба да му бидат најважни, тие се иднината, а некој покажува ваков став кон нив, таков став покажува и кон иднината на општеството-истакна Верица Тодоровска.

По протестот во училиштето, родителите заминаа пред Општина Куманово, каде што ги прими раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ. Тој објасни дека не присуствувал на денешната средба, бидејќи веќе неколкупати имал состаноци со нив. Нагласи дека веќе им објаснил дека процедурата е согласно законот и инспекторатот не утврдил никакви неправилности. Им укажал дека децата треба да се пуштат на училиште, за да не губат од наставата.

-На три месеци се даваат итни и неодложни вработувања за наставен кадар во училиштата, кои се на определено работно време. Потоа училиштата се должни, согласно пристигнувањата од Министерството за финансии, преку Министерството за обраование и наука да распишат јавен оглас, на кој се јавува наставен кадар, во овој случај одделенски наставници кои исполнуваат услови за работа согласно критериумите. Она што сум информиран, го повикав и директорот и родителите на состанок веќе имавме 4-5 состаноци, е постапено согласно законот. Законската регулатива е опфатена, на работа се примени оние кои исполнуваат услови за работа на определено работно време до крајот на учебната година. Потоа контактирав и со државен просветен инспекторат кој има направено увид во постапката. Што се однесува до постапката е спроведена согласно законската регулатива на работни места се примени оние кои исполнуваат работни услови-истакна Јовановиќ.

Раководителот на Секторот за образование побара разбирање од родителите и нагласи дека овие ученици од септември ќе преминат од одделенска во предметна настава, каде што ќе ги преземе класен раководител и уште 13 други наставници.

Претходно и директорот на основното училиште „Крсте Мисирков“, Филип Колевски потврди дека промените се согласно законот, и нема никакви неправилности.

 

Коментари

коментар(и)