„Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ е новиот проект на Министерството за образование и наука кој треба да генерира трајно системско решение за превенција на семејно насилство врз деца преку образовните установи и спречување на натамошна трансформација во врсничко насилство во училишните клупи. Станува збор за иницијатива која обединува повеќе институции, граѓански организации и училишта, а ќе се спроведува во период од една година.
Во рамките на проектот денеска во Куманово се одржа обука на училишните психолози, педагози, дефектолози, социјални работници за јакнење на компетенции за препознавање деца жртви на семејно насилство преку нивното однесување и преземање мерки за спречување и понатамошно ширење.
Според Емилија Бошковска од Комората на психолози, заедничката цел е да се создадат училишта кои не само што пренесуваат знаење, туку препознаваат болка, обезбедуваат поддршка и стануваат безбедно место за секое дете.