Документарниот филм „Три манастирски цркви во кумановско, од преродбенскиот период“ од Валентина Андреиќ, виш кустос – историчар на уметноста во НУ Музеј Куманово беше промовиран вчеравечер во Занаетчискиот дом.
Во филмот се опфатени црквите „Св. Ѓорѓи“ во село Бељаковце, „Св. Ѓорѓи“ во Градиште и „Св. Богородица“ од манастирот Забел во Никуљане. Прикажани се архитектонските особености, како и иконописот и фрескоживописот изработени од познати македонски зографи.
„Црквите и манастирите се нашето најголемо и најбројно богатство, односно културно наследство. Тие доживеале бројни превирања низ вековите, рушени, повторно градени успеале да се сочуваат до ден -денес односно да го сочуваат нашиот културен и национален македонски идентитет. Затоа наше е да ги чуваме и негуваме и во иднина. Целта на воој проект е токму тоа, да остане еден документ во архивата на НУ Музеј Куманово“, истакна авторот Андреиќ.
Документарниот филм на Андреиќ неодамна ја доби наградата „Златна плакета – Камера 300“ на 33. издание на Меѓународниот фестивал на аматерски документарен филм во Битола.
Филмот е реализиран во соработка со ТВ Плус од Куманово.
Промотор на „Три манастирски цркви во кумановско, од преродбенскиот период“ беше Славица Крстиќ, советник-документатор и историчар на уметноста.
„Во Куманово има 13 цркви заштитени со закон, меѓу нив е и манастирот во Никуљане, Забел. Според мене, има потреба уште споменици, цркви во Куманово да бидат прогласени за споменици на култура од државата, на пр. манастирот во Бељаковце“, кажа Крстиќ.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам за 2025 година.