Учениците од шесто до деветто одделение кои што учат во паралелки со помалку од десет ученици во подрачното училиште „Толи Зордумис“ во село Режановце од септември годинава можно е да бидат префрлени во централното општинско училиште согласно процесот на оптимизација. Ова им било посочено на надлежните на училиштата во руралните средини на неодамнешиот состанок одржан со претставници на МОН, БРО, надлежните од Општината, поради што денеска на барање на родителите се реализираше средба во подрачното училиште со заменик -директорот на „Толи Зордумис“ Синиша Филиповски и дел од наставниот кадар. Како што информираше заменикот Филиповски по состанокот со родителите, тие не се согласуваат учениците од село Режановце да патуваат секојдневно и да посетуваат настава во централното училиште во градот. Сметаат дека можат да се изнајдат алтернативни решенија. Процесот на оптимизација ги засега и наставниците бидејќи дел од нив можеби ќе се соочат со намален број на часови, доколку не бидат покриени со изборни предмети.
„ Според процесот на оптимизација предвидено е во Режановце секое одделение да има по десет ученици, а доколку не ги исполнува условите ќе треба да се префрлат учениците од шесто до деветто одделение во централното училиште „Толи Зордумис“, а од прво до петто одделение да бидат комбинирани паралелки од септември, од новата учебна година. Родителите не се согласуваат бидејќи ние сме на граница, односно имаме по шест, седум, осум дечиња и има алтернативни решенија и би требало да го задржиме училиштето. Тие сакаат и децата од Лопате да ги носат во централното училиште“, изјави Синиша Филиповски заменик директор на ООУ „Толи Зордумис“ Куманово
„ Проблемот е што сакаат децата да ги префрлат во централното училиште кое е оддалечено пет ипол километри од тука. Децата се во селото, училиштето постои повеќе од 35 години , јас тука израснав, тука сум се образувал, а централното училиште нем вложено ништо во ова училиште. Јавно ги повикувам надлежните да дојдат и да видат каква е состојбата. Ние нема да ги пуштиме децата да посетуваат настаав во централното училиште“, изјави Марјан Цветковски, претставник на родители од подрачното училиште на ООУ „Толи Зордумис“ во село Режановце.
„Село Режановце е единствено село во Македонија кое изгради училиште благодарение на жителите кои што инвестираа во училишниот објект и нашите деца тука ќе учат бидејќи изградивме училиште за нашите деца. Училиштето е изградено од придонес на жителите на селото, на први септември 1994 година е пуштено во функција. Досега единствено МОН има дадено три милиони денари за парно греење во училиштето, останатото жителите на Режановце“, изјави Зоран Крстевски – Шац.
