Во објектите на детската градинка „Ангел Шајче“ денеска започна поставувањето нa специјализирани контејнери за собирање текстилен отпад. Оваа активност општина Куманово, преку Одделението за заштита на животната средина и ЈП „Чистота и зеленило“ ја спроведува во соработка со колективниот постапувач со отпад „Еко ТЕКС-ГРУП“ ДООЕЛ – Скопје, регистриран во Министерството за животна средина и просторно планирање, а такви контејнери ќе бидат поставени на 15 локации на подрачјето на градот.
Целта на оваа иницијатива е да се овозможи правилно и одговорно управување со текстилниот отпад, да се поттикне граѓанската свест за реупотреба и рециклажа, како и да се придонесе кон заштита на животната средина.
Одделението за заштита на животната средина и природата при Општина Куманово ги повикува сите граѓани да се вклучат во оваа акција и да го одложуваат непотребниот или оштетен текстил во специјалните контејнери. Отпадот од текстил ќе биде третиран согласно законските прописи и ќе се испраќа на понатамошна селекција и преработка.