Околу деведесет вработени во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ имаат правосилни извршни пресуди за неисплатен годишен регрес и новогодишен додаток за период од три години ( 2018, 2019, 2020) заради што во тек е постапката за извршување.
Директорот на „Чистота и зеленило’, Ненад Стојановски информира дека ќе бидат преземени сите дејствија заради начинот на кој се попишани стварите во претпријатието и ги повикува сите надлежни институции да се вклучат во разрешување на случајот за да не биде доведена во прашање основната дејност на комуналното претпријатие, собирање и изнесување на смет.
Со оглед дека компјутерите во претпријатието се попишани и не смеат да се користат, не функционира ниту центарот за наплата, заради што директорот апелира граѓаните да ги плаќаат сметките во останатите наплатни центри или тоа пак електронски.
Од друга страна пак, Стефан Стојмановски, адвокат на дел од вработените во „Чистота и зеленило“ информира дека во просек вкупните трошоци и камати по вработен кој што има правосилна извршна пресуда изнесуваат околу 200.000 денари. Постапката за извршување може да запре доколку претпријатието им го исплати заостанатиот долг.