До десетти март трае јавниот повик за млад земјоделец

До десетти март годинава сите земјоделци до 40 години ќе можат да поднесуваат барања за средства за поттикнување на земјоделското производство. Јавниот повик за мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделското производство“ е во тек, а интересот од кумановските земјоделци за користење на финансиска помош од Владата е задоволителен, велат надлежните.  Иако со мерката се опфатени сите земјоделски активности, сепак прифатливите трошоци претежно се за обработка и преработка на земјоделските производи. До сега аплицирале 12 лица, но искуствата покажуваат дека најголем број земјоделци поднесуваат барања послените денови пред истекот на рокот. Надлежните очекуваат сегашната бројка двојно да се зголеми, информира раководителот на подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Џабир Рамадани.

-Интересот на земјоделците е доста голем, се јавуваат на телефон многу луѓе.  Има некои критериуми тука со бодирање  и штом забележиме дека некој го исполнува минимумот, 60 поени веднаш им препорачуваме да ја соберат потребната документација. Процедурите околу документација за апликација многу се скратени, поедноставени, олеснети, не само за оваа мерка туку за сите мерки по рурален развој и по ИПАРД, изјави Џабир Рамадани,  раководител на подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

На јавниот повик кој што беше објавен на десетти февруари годинава, најголем број од земјоделците кои што аплицирале се пчелари, посочува раководителот Рамадани.

-Интерес има за сите гранки од земјоделството, меѓутоа најмногу овој пат имаме интерес од земјоделци -пчелари, пчеларство, опрема, зашто во пчеларството опфатено е се околу пчеларството и сандаци и сите други потребни алатки и машини што им се потребни се опфатени, претежмо се пчеларите. Основен услов е да е пчелар, да се бави со пчеларство, да има пчелни семејства, да е регистриран во Регистар на земјоделски стопанства, не е ограничено колку кошници затоа што преку оваа програма може да се прошири, да купува опрема и сандаци и да се прошири на 100 или 200 или колку планира. Ограничено е за упис како пчелар со минимум 10 пчелни семејства. Инаку во програмата не е ограничено дека толку треба да има за да може да конкурира, изјави Рамадани.

Оваа година, финансиската поддршка е зголемена од 10.000 на 20.000 евра и е наменета за млади, невработени лица кои сакаат да инвестираат во изградба, доградба и опремување на објекти за преработка од сите земјоделски гранки. 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)