Со мини парк и дрвја ќе се спречува создавањето на депонијата во „Перо Чичо“

Со изградба на мини парк и дрвја ќе се спречува создавањето на депонијата која се наоѓа во близина на населбата Перо Чичо. Екипи на јавното претпријатие Чистота и Зеленило денеска по кој знае кој пат повторно започнаа акција за чистење на оваа депонија.

Екипи на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ во соработка со Македонски железници, денеска започна акција за чистење на депонијата која се наоѓа на влезот во населбата Перо Чичо.  Директорот на јавното претпријатие Чистота и Зеленило, Даниел Стојчевски посочи дека согласно законот, тие не се надлежни за расчистување, но согласно програмата ја одржуваат улицата Ѓорче Петров, која се наоѓа во нејзина близина, па изминативе години повеќепати им излегуваат во пресрт на граѓаните кои што живеат во тој дел од градот.  Тој нагласи дека во наредниот период откако ќе биде исчистена локацијата, ќе се обидат да направат физичка бариера од дрвја, за да се оневозможи одново создавање на депонијата. Во организација со невладиното здружение ДРОМ, ќе се изгради и мини парк, со урбана опрема.

-Ние веќе имавме еден состанок со изведувачот на градежните работи на овој мост, и со претставници од Македонски железници, каде што и они денеска земаат учество во чистењето преку одредени донации кои што ја чистат депонијата. Имавме разговори и дојдовме до заклучок дека навистина е потребно физичка бариера да биде поставена, ќе се бара решение да се постави звучна изолација, на самиот премин, да бидат затворени неколку пристапни патишта кои што ќе водат до пругата за да ги ограничиме оние диви превозници кои што најчесто го фрлаат сметот на ова место, се со цел да најдеме механизам како физички да се оградиме и да ја спречиме оваа појава-посочи Стојчевски.

Утринава од дивата депонија беа изнесени осум камиони смет, а директорот на претпријатието посочи дека акцијата ќе продолжи и наредните денови.

-Мислам дека последната акција беше некаде октомври, ноември, минатата година е чистена оваа депонија 5-6 пати, паралелно правиме и ние наши акции, пред некој месец нашите екипи во рамките на оние акции што ги правиме секоја сабота, организиравме и една акција за чистење на оваа депонија од другата страна каде што физички беа спречени граѓаните од самиот смет да поминуваат, извршивме едно мини чистење, меѓутоа не беше доволно за да ја исчистиме целата депонија-информираше директорот на ЈП Чистота и Зеленило.

Стојчевски упати апел до несовесните граѓани да се воздружуваат од фрлање на смет, а на локалното население му порача доколку забележи непрописно фрлање веднаш да пријави до надлежните институции или директно кај него во Чистота и Зеленило.

Коментари

коментар(и)