Промовирана студија за алтернативни извори на финансирање

Во организација на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија денеска во Занаетчискиот дом беше промовирана Студија за алтернативните извори на финансирање во РСМ, со акцент на Североисточниот регион и споделени најдобрите практики и искуства. Меѓународната конференеција се одржува во рамките на проектот „Изработка на студија за потребите, можностите и условите за алтернативните форми на финансирање и организирање на меѓународна конференција за промоција на студијата и споделување  на најдобри практики и искуства“  имплементиран од Фондацијата од Куманово, а ко-финансиран од министерството за економија.

-Знаете дека претпријатијата последните години се соочуваат со многу потешкотии во обезбедување на квалитетни извори на финансирање. Покрај сопствените извори и покрај кредитните извори, за жал со години немаме некој релевантен финансиски инструмент кој што ќе може да помогне во финансирањето на МСП секторот. Фондацијата веќе 20 години  работи во делот на поддршка и развој на малите и средните претпријатија, го увиде овој проблем и одлучи да изработи една стручна студија од стручни автори која што пред се ќе ги доближи до малите и средните претпријатија алтернативните извори на финансирање, меѓутоа од друга страна ќе ги пренесе и сите практики и искуства од сите европски земји, особено земјите членки на ЕУ каде што има многу позитивни примери во делот на финансирање на тие бизниси со помош на вакви алтернативни извори на финансирање, изјави Димитар Ташевски, директор на Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово

И  државниот секретар во министерството за економија, Зоран Павловски смета дека на малите и средните претпријатија секогаш им се потребни алтернативните форми на финансирање за поуспешен бизнис.

– Имаше 4 такви проекти, освен многуте други проекти кои што ги има во индустријата, во секторот за мали и средни претпријатија, од длабински обуки, имавме за кумановските чевлари таква обука до купување, субвенционирање на опрема, алати, до сертифицирање, разни сертификати, до брендирање и изложување на саеми  итн. некаде над 43 милиони денари потрошени. На сите компании и на мали и средни претпријатија секогаш им треба алтернативни форми на финансирање затоа што сопствените средства се секогаш малку, ограничени, банкарските кредити секогаш се со повисоки стапки и затоа е убав начин овие алтернативни форми на финансирање, изјави Зоран Павловски, државен секретар во министерство за економија

Студијата пред присутните ја промовираа авторите Самоил Малчески и Сашо Велковски, а финансиските инструменти кои се однесуваат на алтернативните извори на финансирање ги презентираа претставници на Македонска банка за поддршка на развојот и на ФАКТОР ТРУСТ ДООЕЛ Скопје. Пред присутните се обратија и претставници на Р.Бугарија и Р.Србија кои што ги споделија најдобрите практики и искуства од нивните земји во делот на алтернативните извори на финансирање.

Коментари

коментар(и)