Во ученичките домови во Североисточниот регион ќе бидат примени вкупно 210 ученици, откако Мнистерството за образование и наука го објави конкурсот за прием, за учебната 2021/2022 година. Слободни се вкупно 2.578 места за престој и исхрана на учениците од средните училишта. Во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ има место за 120 ученика, во „Боро Менков“ во Крива Паланка 57 и во „Митко Панџуклиски“ 33.
Согласно здравствениот протокол за справување со ковид-19, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50 отсто ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава.
Доколку во текот на идната учебна година се надмине пандемијата и ќе се создадат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот.
Првенство при прием во ученичките домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште „Спортска академија“ – Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови низ земјава.
Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на веб-страницата www.konkursi.mon.gov.mk.