Мала кумановска компанија „Игнеа козметика“ е првиот македонски бренд кој беше дел од светскиот реномиран настан кој се одржал во Париз, „European Natural Beauty Awards“ и нивната форумлација „Leda Lux Divine“, луксузен крем за лице беше избрана и номинирана помеѓу топ 20 креми за лице во светот, соопшти денеска сопствениката Јана Лазаревска. Во финалето учествувале брендови од Шпанија, Австралија, Словенија кои како што рече таа, понудиле чисти формулации, автентични вредности и иновативен пристап кон природната козметика.
– Апликацијата ја подготвивме внимателно, следејќи ги сите потребни чекори и собирајќи целосна документација: потврда за регистрација, здравствени сертификати, потекло на суровини од кои 99% мора да се природни и еколошки сертификати (ECOCERT/COSMOS). Најголем предизвик беше да обезбедиме валидна документација за секоја поединечна суровина. Преку процесот научивме многу за значењето на транспарентноста и стриктните стандарди, а самата апликација нè мотивираше дополнително да го унапредиме квалитетот, изјави Лазаревска.
Како што објаснува, процесот на селекција на European Natural Beauty Awards е исклучително сериозен. Индустриското жири прави детална анализа на пријавените препарати и пред сè треба да потврди дека не станува збор за „greenwashing“, односно дека не се користени состојки кои не се од природно потекло и дека производот целосно одговара на својот деклариран состав. Анализата се спроведува во лаборатории и високи авторитети за сертификација на природната козметика во неколку европски земји. По добивањето на резултатите, следи детална евалуација и носење одлука за тоа кои производи ќе бидат номинирани и кои од нив ќе влезат во финалниот избор.
Одлуката ја носеле над 100 стручни судии, меѓу кои доминираа експерти од Cosmos Standard, организацијата која стои зад познатиот Eco Cert сертификат – глобален стандард за квалитет и природност во козметиката. Судиите вклучуваа и познати личности како Gemma Whelan (позната како Yara Greyjoy од Game of Thrones), Ornella Muti, Naike Rivelli и многу други. Конкуренцијата била исклучително силна, при штве два реномирани светски бренда еден од Шпанија и друг од Австралија, и покрај тоа што се продаваат во сериозни козметички ланци, останале без награди.
– Индустриското жири се состои од реномирани експерти од козметичката индустрија и стручњаци за анализа и сертификација на козметички производи. Меѓу нив е и организацијата Cosmos Standard, добро позната и во нашите простори, која има високи критериуми за природна и органска козметика. Од нашата страна, пријавивме два производи: Fit Face серумот за лице и Leda Lux Divine pro age кремот за лице. Двата производи добија номинација, што само по себе претставуваше голем успех. Сепак, поради високиот финансиски ангажман во следната фаза (испраќање доволен број оригинални примероци за употреба и анализа во текот на четири месеци од страна на медиа и „star“ жирито), решивме да ја прифатиме номинацијата само за Leda Lux Divine, обајснува Лазаревска.
Во оваа индустрија доминираат неколку клучни трендови „скинимализам“ минимализам во составот и во рутината, што подрзабирапомалку активни компоненти во еден производ, помалку производи во рутината, но со поголема ефикасност. Ова било пресудно да го издвои кумановскиот бренд како лидер во новиот бран.
– „Plastic-free“, „refill“ и zero-waste концепти кои е неопходни за одржлива иднина, одржлива рутина и холистички пристап преку здрава, нештетна нега и внатрешен баланс доведуваат до естетски убава кожа. Природна заштита од УВ и сина светлина, сè повеќе брендови развиваат природна заштита од УВ и дигиталното зрачење, и ние сме меѓу пионерите во оваа област., додава Лазаревска.
Стратешки план на Лазаревска е да ги сертифицира производите со „Eco Cert“ или „Cosmos Standard“ кој веќе ги евалуирал формулациите и позитивно ги оценил. Таа укажува дека процесот е комплексен и вклучува редовни инспекции, анализа на секоја суровина и административно е ригорозен, тука е се и финансиите.
– Во основата на секоја формулација што ја креирам стојат повеќе научни и холистички пристапи. Фитотерапијата, ароматерапијата, физиологијата на кожата, како и принципот на синергија и современиот концепт на „скинимализам“, се клучни алатки во мојот процес на создавање. Познавање на лековитите својства на растенијата, својствата на поединечните компоненти, разбирањето на внатрешната поврзаност помеѓу телото и кожата (холистичкиот пристап) и слободата во креативното формулирање на рецептурите ми овозможуваат да решам четири проблеми во формулациите на природната козметика кои се голем предизвик со кој дури и најпризнатите експерти понекогаш се соочуваат и мора да прибегнат кон класично хемиско решение, вели Лазаревска.
Сепак, како што укажува македонскиот пазар сè уште заостанува зад Европа, САД и Австралија во препознавање и користење на природна козметика со високи стандарди, но постои растечка група на свесни потрошувачи кои внимаваат што ставаат на својата кожа. Предизвик за сите е greenwashing-от – брендови кои се претставуваат како природни без да исполнат соодветни критериуми. Но, верува дека со едукација и транспарентност, дека пазарот ќе се отвори сè повеќе за вистински луксузна и одржлива нега.
– Квалитетот е тој којшто се бара на светскиот пазар. Западен Балкан е веќе препознаен како место со оригинално и богато културно наследство преточено во современи и уникатни производи, додава Лазаревска. Таа најавува нови производи за чистење на шминка, мицеларна вода и тоник две во едно кој веќе го промовирала во Париз и за што има одлична критика.
– Особено сме горди на номинацијата добиена од американската агенција „CleanCert“, која е водечка во сертификација на природна козметика во САД. Тоа за нас е потврда за ефективноста, но и одржливоста на нашата рутина за нега на лице. Во план ни се и нови меѓународни соработки, додава Лазаревска. ам/