ВИДЕО: Одбележан Светскиот ден на првата помош

Општинската организација на Црвен крст Куманово денеска го одбележа Светскиот ден на првата помош под мотото „Биди херој во твоето училиште“. Волонтери од Црвениот крст преку показна вежба демонстрираа прва помош пред присутните граѓани на градскиот плоштад.

„Знаењата и вештините за укажување прва помош треба да бидат дел од сечие секојдневие, бидејќи се применуваат во секој сегмент во животот. Подеднакво се важни едукациите по прва помош за учениците од средните училишта, кои ќе можат на своите соученици во случај на итност да им дадат прва помош“, велат од Црвен крст.

– Денеска освен што имаме показна вежба, делиме флаери за прва помош и слично. Во текот на месец септември ќе се организираат доста активности за одбележување на првата помош организирани од општинските организации на Црвениот крст со цел промоција на Црвен крст и афирмација на општинската организација односно на националното друштво после законските промени кои ги имавме. На 20 септември ќе се организира онлајн квиз по прва помош, а на 21 септември ќе се одржи обука и вовед во прва помош во петте средни училишта во Куманово, изјави Ивана Стојановска , волонтер во Црвен крст Куманово

Едукациите за правилно и навремено укажување на прва помош ќе бидат континуирани во текот на целата година.

Одбележувањето на Светскиот ден на првата помош е во организација на Црвениот крст на Македонија со координирани активности на општинските организации во општините. Годинава поради  трагедијата во Тетово, наместо на 11 септември, Светскиот ден се одбележува денеска во сите градови.

Коментари

коментар(и)