Одбележан Светскиот ден на физичката активност (ВИДЕО)

Во Куманово вчера беше одбележан Светскиот ден на физичката активност, 10-ти мај, во организација на Владата, Агенцијата за млади и спорт, Институтот за јавно здравје, Македонски олимписки комитет и Општина Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски во своето обраќање посочи дека највисокото признание во Европа „ Европски град на спортот“  што го доби општината е резултат на тоа што Куманово практикува спорт и за мажи и за жени од речиси сите генерации. Тој потсети дека Општина Куманово минатата година инвестираше во реконструкција на три спортски објекти – во гимназијата, економското и техничкото училиште.

-Оваа година, заедно со Агенцијата за млади и спорт работиме на проектот реконструкција на Соколана, која планираме да ја вратиме во стариот лик којшто некогаш бил културен и спортски центар на градот. До крајот на годината ќе бидат изградени уште минимум 6 спортски игралишта на училишните терени на територија на Куманово и конечно ќе биде завршен и проектот којшто е почнат на локација спомен Костурница каде се градат 3 спортски терени и патеки за пешачење и трчање, изјави Димитриевски.

Советничката на претседателот на Владата за спорт Силвија Митевска посочи  дека Куманово вложува во превенција и заштита од сите можни болести, го потпомага растот и развојот кај младите, но и ги афирмира сите здравствени бенефити од рекреативното спортување.

-Физичката активност е важна од најмлада до највозрасна возраст. Ме радува тоа што имаме девојки, жени и девојчиња што спортуваат и ја користам оваа прилика да афирмирам дека еднаквоста и родовата еднаквост во спортот и спортските дисциплини и активности треба да биде еднаква за сите, изјави Митевска.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски истакна дека последниов месец три пати е во посета на Куманово каде заедно со градоначалникот Димитриевски и општината ги градат спортските терени.

-Куманово е град на спортот и се надевам дека овој настан ќе стигне до сите градоначалници, да почувствуваат и да видат колку е важен спортот во нашата држава, изјави Мојсовски.

-Спортот ни е иднина за да направиме едно подобро општество. Гледаме дека Куманово организира различни спортови. Младите да се занимаваат со спорт затоа што спортот носи здрава младина, а со тоа носи и здрава иднина. Продолжете така, бидете упорни за да направите голем успех во животот, рече Тодор Гечевски, кошаркар

– Тоа што сакам да порачам е дека треба да спортувате, не затоа што така ви кажувам, туку затоа што тоа е најубава работа што може да ја направите за вас – да бидете здрави, убави, паметни и да бидете добар дел од нашето општество, а впрочем честа што ја имаме со нас да бидат три фантастични легенди – Перо Антиќ, Тодор Гечевски и Наумче Мојсовски говори се, изјави Даниел Димевски, директор на Македонски олимписки комитет

Спортистите на Светскиот ден на физичката активност порачаа што повеќе да се спортува бидејќи спортот значи подобра и поздрава младина и е најдобар амбасадор на нашата општина и држава.

Коментари

коментар(и)