Претставата „Соѕвездија“ според текст на англискиот автор Ник Пејн, во режија на Нела Витошевиќ премиерно ќе биде изведена утревечер на сцената во центарот за култура. Во најновата претстава на Театар Куманово играат Нина Максимова, Владанка Крстевски, Александра Пешевска, Марко Трајковиќ, Давид Илиќ и Мирослав Петковиќ. Претставата зборува за изборот на одлуки што го дефинираат правецот на животот, за слободната волја, за улогата на случајноста и неочекуваните ситуации, за загубата и разделбите од најблиските. Режисерката по втор пат соработува со кумановскиот театар. Една од најиграните претстави во театарот „Жена од минатото“ беше токму во режија на Витошевиќ, пред пет години.
-Во основа текстот е напишан како дуо-драма, но во мојата режиска концепција, во претставата играат шест актери. Пред се, се работи за една љубовна приказна и ние го следиме животот на еден пар од нивното запознавање па до нивната разделба и смрт. Мислам дека приказната е прилично блиска за било која публика, рече Нела Витошевиќ, режисер
-Се надевам дека утрешната премиера на „Соѕвездија“ навистина ќе биде едно ново уметничко доживување во Куманово и сигурен сум дека оваа претстава ќе доживее голем успех во Куманово, рече Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“
Актерите посочија дека во претставата се прикажани сите етапи на врската помеѓу пчеларот Роланд и физичарката Мериен, од запознавањето, радоста, лутината, осветољубието заради неверство, до фазата на соочување со болест и смрт.
На денешната прес-конференција актерите ги поканија кумановци да ја видат премиерата и наредните репризни изданија. Премиерата на „Соѕвездија“ е со почеток во 20 часот.