Во тек се подготвителните активности за отпочнување на градежно санациските работи на мостот на реката Пчиња познат како „Искрин мост“. Санацијата на мостот стар неколку децении и исто толку необновен ја изведува скопска компанија, а се наоѓа на регионалниот патен правец, делница Куманово- Свети Николе, на 10 километри од Куманово. Инаку, минатиот месец јавното претпријатие за државни патишта го потпиша договорот за реконструкција на „Искрин мост“ вреден близу 118 милиони денари.
-„Искрин мост“ е воведен во работа од пред месец дена, се работи под мостот, се прават пристапни патишта, се носат механизации за бушење и се што е потребно, изведувач има, воведен е во работа, се работи, сериозен зафат е, сериозно бил запоставен многу години, но и тоа се работи, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта
Столбовите на мостот се армирано бетонски и нивната висина се движи од 18 до 23,5 метри. Мостот има девет распони со горен строј од спрегната челична конструкција и армирано-бетонска плоча со вкупна должина од 355 метри.
Предвидената санација е според Основен проект за санација изработен од ГЕИНГ – Скопје и ревидиран од Градежен Факултет.
Фирма изведувач задолжена за реконструкција на мостот е ДГП „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ- Скопје, а рокот за завршувањето на целосната реконструкција е 24 месеци.