Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на денешната прес конференција информираше дека за вчерашните инциденти со македонското знаме уапсени се 4 лица, меѓу кои еден малолетник, а во друг случај за учество во тепачка уште 4 други лица.
-Во текот, на вечерта, вчера, се целосно расветлени повеќе случаи, дел делумно, а во однос на голем дел на случаи полицијата ќе постапува и во текот на денешниот, утрешниот ден, се додека не се констатираат за сите оние кои што имаат соодветни докази дека сториле одредено кривично дело, особено кривично дело кое гази по достоинството на македонскиот граѓанин. Во текот на вчерашната вечер се уапсени осум лица од страна на македонската полиција. Четири од тие лица се уапсени затоа што сториле прекршок, учество во тепачка. Истите се лишени од слобода и поо нив ќе се преземат соодветни дејствија и понатаму, согласно закон. А други четири лица се уапсени заради тоа што за нив имаме основано сомнени дека сториле кривично дело 319 од кривичниот закон кое што се однесува на предизвикување на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ каде што е предвидена минимална казна од една година затвор и за кои што четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, еден од нив е малолетник, а тројца се полнолетни лица, информираше министерот Тошковски.