Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека по потврдените случаи на сипаници кај овци и кози во кумановското село Лопате се преземаат сите пропишани мерки за контрола и спречување на ширењето на болеста.
Првиот позитивен случај бил регистриран на 27 јануари 2026 година, по што случајот веднаш бил пријавен во европскиот систем ADIS и во системот WAHIS на Светската организација за здравје на животните (WOAH), согласно процедурите за болести од Листата А на Европската Унија.
Според официјалното Решение за контролни и заштитни мерки со архивски број 10-444-4 од 05.02.2026 година, околу зафатените одгледувалишта во селото Лопате е воспоставена заштитна зона од 3 километри и зона под надзор од 10 километри.
Во овие подрачја се спроведуваат засилени контроли, движењето на животните е строго регулирано, а сточарите се навремено информирани преку ветеринарните друштва и Ветеринарната комора.
Дополнително, на 30 јануари и 2 февруари биле потврдени уште две жаришта во Лопате.
Сите заболени животни од трите одгледувалишта се нештетно уништени и закопани, во согласност со пропишаните биосигурносни мерки.