Во Спортската сала вчеравечер се одржа манифестацијата „Куманово танцува“, во рамките на која настапија членовите од шесте танцови клубови од Куманово, Dance studio Ultra, Dance studio Mak, Dance studio Virtus, Skill Factory, Fusion и Танцов спортски клуб Динамик, во организација на Асоцијацијата за култура и уметност – Мулти Арт, под покровителство на Општина Куманово и Советот.
„Танцовите клубови се претставија со своите најдобри танчери и креативни кореографии пред кумановската публика во преполната сала. Идеен творец на проектот е Стојадин Ивановски- Дине, а идејата веднаш беше поддржана од професионалните кореографи од Куманово“, велат од Мулти Арт.
Вечерта беше збогатена и со настапите на Мартинијан Кириловски и училишниот хор на ООУ „Кочо Рацин“ под менторство на професорот Магдалена Божиновска.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот Максим Димитриевски.
„Овој настан ја потврдува богатата музичка и културна традиција на нашиот град. Нашите танцови клубови не само што ја збогатуваат културната сцена дома, туку и го претставуваат Куманово низ целата земја и во странство, освојувајќи бројни трофеи, награди и признанија на најпрестижните натпревари. Вашата посветеност, врвна кореографија и страст кон модерен балет и спортски танц се наша гордост. Општина Куманово секогаш ќе стои зад своите таленти и ќе ги поддржува сите активности кои го промовираат позитивниот дух и културата на градот!“, кажа Димитриевски.