Ширење на дистрибутивната гасоводна мрежа и нови приклучоци предвидува програмата за работа за 2026 година на ЈП „Куманово – гас“ – Куманово.
„Во 2026 година ќе се гради нова дистрибутивна мрежа од средства на Владата за која Општина Куманово има распишано јавна набавка, во должина од 6,5 километри“, информираше директорот Марко Митровски на денешната седница на Советот на општината.
Следната година се очекува и приклучување на повеќе јавни објекти, како што се основните училишта „Толи Зордумис“, „ Наим Фрашери“, „Вук Караџиќ“, градинката „Славејче“, Здравствен дом и неколку приватни објекти.
На гасоводната мрежа ќе се приклучат и повеќе улици, „АВНОЈ“ со дел од „Видое Смилевски Бато“, „Вараждинска“, „Народна револуција“, „11 Ноември“, „Доне Божинов“, „Никола Тесла“, „Тоде Думба“ и „Драган Стопаревиќ“.
Со новата програма за ширење на дистибутивната мрежа се планира да бидат опфатени и касарната „Боро Менков“, Центарот за управување со кризи, факултетот и училиштето што се гради кај касарната „Христијан Карпош“ и уште неколку приватни објекти, истакна Митровски.
Во 2026 година се предвидува и замена на возниот парк на товарна и лесна програма поради застареност на возилата, како и седум вработувања, како резерва.
Во моментов, вкупниот долг на ЈП „Куманово гас“ изнесува 2 милиони и 600 илјади денари, а потрошувачите редовно ги подмируваат своите обврски кон претпријатието.