(ВИДЕО) Акција на полицијата, уапсени цариници и полицајци

Полицајци и цариници се меѓу деветмината осомничени за шверц и продажба на дрога, по денешната акција на полицијата и Обвинителството за организиран криминал и корупција во Куманово и Скопје.

Како што информираат надлежните органи, деветмина, меѓу кои 5 цариници и 3 полицајци, се уапсени во акцијата за сузбивање трговија со наркотици. Петмина од уапсените се од Куманово, четворица од Скопје и еден од Тетово. Лицата се на возраст од 35 до 54 години.

Деветмина од нив се осомничени за кривично дело „криумчарење“, а тројца за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. По претрес кај еден од нив бил  одземен кокаин.

На акцијата како што информираат од Министерството за внатрешни работи и обвинителството и претходеле повеќемесечни истражни мерки.

Во текот на ноември четворица од нив, меѓу кои и двајца полицајци, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница на земјава и Косово. Осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната, велат од обвинителството.

Лицата се изведени пред Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.

 

Коментари

коментар(и)