Без струја и вода живее семејството Станковски

„Млада сум за пензија, а стара за работа“ ,  вака ја започнува својата животна приказна 43-годишната Сузана Станковска, самохрана мајка на десетгодишно девојче од населбата Перо Чичо. Повеќе од една година ова семејство живее без струја и вода во домот, а семејната пензија од 6.000 денари која што ќерката ја прима од татко и, кој како градежен работник пред седум години загина при изградбата на спомен куќата на Тоше Проески во Крушево не е доволна ниту за најосновните месечни потреби на едно семејство.

-Додека девојчето учи ќе прима семејна пензија, со пензијата телефон платиме, англиски, фотокопиии, кифли и се останато што е потребно за на училиште, но за сметки нема.  Струјата е исклучена поради долгови, ми кажаа половина да платам,  а останатиот долг на рати да го плаќам. На свеќа учи, на батерии од телефон пишува домашно. Невработена сум , барам  работа секој месец кога одам да се пријавам во биро прашувам за работа прашувам, но фирмите  бараат до 29 години. Прашувам во  пицерии, во Чик , но таму бараат искусни работнички. Сум работела како секретарка , шпедитерка,  во фабрика за ќеси. Работа оставив  кога се породив, изјави Сузана Станковска, самохрана мајка.

По загинувањето на сопругот  на работното место, Сузана не добила никаков паричен надомест од фирмата  која го ангажирала за градежните работи, иако Сузана на суд во Прилеп каде што се водела постапката за овој случај, побарала паричен месечен износ кој што ќе го одреди судијата за ќерката додека се школува. Но, освен финансиски проблеми ,  семејството Станковски има и нерасчистени имотно-правни односи поради кои се води судски процес. Куќата во која што моментално живеат се продава и тие секој момент може да се најдат на улица, бидејќи не е во нивна сопственост.

-Доаѓаат купувачи,  но  кога ќе им  објаснам за што станува збор тие се откажуваат од купување на куќата. Апел до сите хумани граѓани кои можат и кои сакаат  да ми помогнат. Маж ми загина во спомен куќата на Тоше Проески, но никој не ми помогна. После една година од загинувањето на сопругот дојдоа од фондацијата тоше проески донесоа школски прибор, ранец , парична помош, изјави Сузана Станковска, самохрана мајка

Единствениот што и помага на самохраната мајка е нејзината мајка која живее во близина каде што Сузана и нејзината ќерка се капат и подготвуваат храна. Но, таму не можат да се преселат бидејќи братот на Сузана има тешки здравствени и психички проблеми поради што не е безбедно  подолготрајно да се престојува во таа куќа. Сузана се надева дека некој ќе и понуди вработување и помош за да може со својата ќерка да живее како секое нормално семејство.

Коментари

коментар(и)