(ВИДЕО) Илиевски: Зелената агенда е приоритет во програмата на СДСМ

Изградба на кеј на реката Кумановка од влезот на Куманово до поранешен хотел „Куба“ со велосипедски и пешачки патеки и со четири мостови за пешаци, но и кеј на реката Којнарка се предвидува со Зелената агенда од програмата Најдоброто за Македонија, рече на денешната прес-конференција Оливер Илиевски, кандидат за градоначалник на општина Куманово од СДСМ и коалицијата. Илиевски најави и регулација на потоците кои се вклучуваат во реката Кумановка, уредување на потокот во населбата Вера Которка, но и на потокот Серава.

– Предвидуваме изградба на кеј на реката Којнарка од средното земјоделско училиште до спојување со реката со што ќе добиеме поврзани патеки од речиси 9 километри. Планираме реконструкција на градскиот парк и изградба на уште 4 нови. Планираме детски парк, авантуристички и вело парк. Исто така планираме регулација на потоците кои се вклучуваат во реката Кумановка, а тоа е потокот од населбата Карпош низ Ајдучка чешма, Иго Тричковиќ и се до река Кумановка. На кејот на тие потоци исто така ќе имаме пешачка зона и велосипедска зона. Планираме уредување на потокот во населбата Вера Которка каде што планираме да има пешачка и велосипедска патека. Во наредниот период планираме уредување на потокот Серава во должина од еден километар каде што граѓаните на Тоде Мендол и Бајрам Шабани ќе добијат едно уредно катче за уживање. Сето ова го планираме во наредниот мандат од 4 години, рече Илиевски.

Во врска со вчерашните обвинувања од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ упатени на адреса на СДСМ за наводните притисоци врз вработените во државните институции, Илиевски повика доколку постои таков случај, да го пријават.

-Ако има нешто такво слободно нека пријават и се надевам дека институциите на системот проблемот ќе го решат. Ова се само изговори за изборниот пораз кој ќе го добијат на 17-ти октомври, рече Илиевски.

Кандидатот за градоначалник Илиевски верува дека кумановци на 17-ти октомври ќе ја препознаат волјата на СДСМ за чисто и зелено Куманово.

Коментари

коментар(и)