Пешачка зона односно боемска улица, нов модерен плоштад, подземна инсталација, енергетско-ефикасни фасади во централното градско подрачје предвидува програмата „Најдоброто за Куманово “ на кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски. Тој на денешната прес-конференција најави дека на улиците „Илинденска“ и „Кирил и Методиј“ ќе се паркираат исклучиво жителите од централното градско подрачје.
– Станува збор за амбиентална пешачка зона во која граѓаните ќе доживеат една друга страна на градот. Улицата ќе биде во староградски амбиент, хортикултурно уредена со естетско зеленило, со нова урбана опрема и постоечкото улично осветлување ќе биде збогатено со канделабри. За дел од централното градско подрачје во програмата на СДСМ за Куманово е предвидена подземна инсталација, висечките кабли од операторите, целокупната надземна инсталација ќе биде ставена под земја. Центарци ќе добијат и реконструирана водоводна и друг вид инфраструктура низ улиците, рече Илиевски.
Илиевски најави дека општината ќе ја плати постапката за подземниот катастар и не се предвидени никакви издатоци на правните субјекти.
-Целокупната постапка за подземниот катастар ќе биде изведено од страна на општината, од буџетот на општина Куманово, тука се и промена на водоводна мрежа, канализациона мрежа, ставање на водоводна мрежа во пластични цевки се со цел утре ако се случи некој дефект да не се копаат улиците, туку да се промени водоводната мрежа без да се копаат улици и сето тоа ќе биде на трошок на општината. Ние приватниот сектор не можеме да го оптоваруваме со нови трошоци во време на криза кога и ние самите сакаме да го развиваме приватниот сектор, рече Илиевски.
Проектот за поврзување на двата плоштади е најважен за секојдневието на кумановци, смета Илиевски, за што е предвидено од општинскиот буџет да се одвојат 1, 5 милиони евра, а останатите средства ќе се обезбедат од централната власт.
