Државата да ги обезбеди официјалните документи од Ирак и Авганистан, порачаа кумановци од денешниот протест што се одржа пред зградата на Управата за јавни приходи.
Протестот, како што најавија, продолжува цела седмица во периодот од 14 до 16 часот поради одлуката на Управата за јавни приходи (УЈП) за ретроактивно оданочување на средствата што ги добиле по основ на плата за 2020 година и дополнително заради не признавање на документите (доказите) што ги обезбедиле од нивните работодавачи.
Бараат средба со премиерот, директорката на УЈП и со градоначалникот на Куманово.
„Денеска започнавме еднонеделен протест, кој ќе се одвива секој ден од 14 до 16 часот пред зградата на Управа за јавни приходи во Куманово. Тука сме дојдени да ги повториме нашите барања. Барањата што беа на првите протести, ги знаете.
Нашите барања сега се: јавно ги повикуваме премиерот Мицкоски и директорката на УЈП Елена Петрова да ни излезат в пресрет, да дојдат и да разговараат со нас, врз основа на нашите докази кои што ги имаме и да се договориме како понатаму. Втора работа, јавно го повикуваме и градоначалникот на Куманово да излезе тука со нас и да договориме средба и со него. Ова јавно го кажуваме бидејќи многу кумановци се збунети што се прави и како се прави. Затоа ја користам оваа можност јавно да ги повикаме премиерот, директорката и градоначалникот да ги слушнат нашите барања и да видиме што понатаму бидејќи ние имаме докази, тие доказите не ги прифаќаат, имавме неформална средба со премиерот и со директорката, тие барања едноставно ни ги одбија. Фирмите во кои работевме ни пратија документи дека тие платиле 15 проценти данок во Ирак, тие не ги прифаќаат тие докази. Не обврзуваат да одиме во Ирак, да обезбедиме официјални документи од ирачката власт. Од ирачката власт ни кажаа дека како странски државјани не смеат да ни дадат таков документ. Значи, процедурата е многу сложена, бараме институциите од нашата држава, МНР, Владата, преку официјални службени канали, преку амбасади, тие си знаат како, да ни обезбедат тие документи“, изјави Жикица Миланов, засегнат граѓанин.
„Имавме неофицијална средба со премиерот и директорката како што знаете, сигурно се слушнале за таа средба на која ни беа кажани многу работи. Ни посочија дека во секоја подрачна единица ќе се отвори канцеларија каде што ќе имаат тимови, организирани и обучени за овој проблем, дека ќе бидат сослушани сите граѓани не само на Куманово, туку од цела Македонија дека ќе го пролонгираат плаќањето до 31 мај, дека ќе ни бидат признаени сите докази што ги носиме, затоа бараме средба“, изјави Зоран Наковски.