Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија Михалис Рокас денеска е во посета на Куманово. Оваа активност е дел од серијата општински посети преку кои граѓаните и институциите имаат можност да се запознаат со придобивките од процесот на пристапување во Европската Унија. Преку ваквите посети се истакнува важноста на интеграцијата и нејзиниот придонес во развојот на локалните заедници. Амбасадорот Рокас во текот на посетата се сретна со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, а разговараше и со членовите на Советот на општината. Во рамки на своите активности, амбасадорот имаше дискусии и со претставници на невладини организации, како и со младите и со граѓаните во „Занаетчиски дом“.
-Ја искористив оваа прилика да го запознам воопшто за состојбите во општина Куманово, за нашето стопанство, развојот на новата индустриска развојна зона, соживотот, мултиетничкото општество кое што го креиравме, а уште поголемо задоволство е што на негова иницијатива тој остварува средби и со членовите на Советот, со невладините организации и со повеќе целни групи, се со цел да се запознае подобро со состојбите во градот. ЕУ е најголемиот донатор во историјата на општина Куманово. Општина Куманово има за цел да се трансформира и да стане реално еден европски град. Како граѓани, како општина силно го поддржуваме нашиот пат и полноправно членство во ЕУ и се надеваме, првенствено дека сите еднострано наметнати проблеми кои што доаѓаа, за жал од страна и историјата се повторува, во иднина ќе бидат надминати и еден ден кумановчани ќе можат да бидат полноправно и во вистинска смисла на зборот граѓани на ЕУ бидејќи сите ние се чувствуваме европејци, родени сме во Европа и нашето место е во Европската Унија, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово.