(ВИДЕО) „Медиум објектив“ на средба со министерот Адмирим Алити

Ослободување од плаќање за надоместок за дозволата за 2022 година во висина од 50 проценти, промена на законот за АВМУ, посебно во делот на казнените одредби, дополнување на членот 102 од законот за медиуми се дел од барањата кои што членките на здружението „Медиум објектив“ утре ќе ги образложат пред министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. Средбата беше договорена јавно минатиот петок при гостувањето на министерот Алити во емисијата СТАВ.

-Јас сум отворен да седнеме да ги слушнеме нивните барања и затоа Ви се јавив дека во прва прилика што ќе ни одговара на нас и на вас би било добро да седнеме и баш би сакал да ги слушнам барањата и што можеме ние како министерство и како Влада да помогнеме и да ви излеземе в пресрет, рече Алити.

-Важно да се потенцира дека не бевте присутни тогаш во Македонија, бевте во странство и дури и оттаму добив повик од Вас и секако нешто што беше многу важно написмено, преку порака ја најавивте таа средба. Ние веќе разговаравме за терминот кој би бил погоден да се видиме и да разговараме неофицијално, а сега и официјално во среда, 22.06. 2022 година во 14 часот во вашето министерство. До сите оние кои што беа дел од штрајкот, до сите членки на „Медиум објектив“- имаме закажано средба со министерот каде што ќе можеме да ги изложиме нашите проблеми, да ги посочиме предизвиците со кои  што се соочуваме и што според мене е најважно да Ви ја објасниме разликата меѓу националните и региналните и локални медиуми бидејќи мислам дека тоа е круцијално прашање за да во наредниот период ако се носат некои нови законски решенија во поглед на медиумското работење ќе биде многу важно за да можеме и ние да функционираме како што треба, рече Драган Ивановски, главен и одговорен уредник на ТВ Плус

-Ние како министерство, но и како Влада ја знаеме големата вредност што ја имаат локалните медиуми и затоа било кога и да се разговарало, на пример за промена на член 102 или за нешто друго баш го имавме во предвид овој дел на локалните медиуми и затоа не сме донеле брзи решенија и отворени сме да разговараме и да видиме кои ќе бидат тие решенија кои ќе бидат прифатливи и за националните телевизии и радија, но, и за локалните бидејќи мислиме дека навистина локалните медиуми се многу битен сегмент од општеството бидејќи се занимаваат со локалните проблеми и теми кои се многу битни за граѓаните, рече Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација

Претходно, дел од регионалните и локални електронски медиуми штрајкуваа три седмици, првин преку гаснење на програмата со траење од 30 минути во прајм тајм термините секој ден, а потоа и преку гаснење на програмата со траење од еден час секој ден и престанување на следење на сите активности на челниците на локалната самоуправа и јавните претпријатија во информативните блокови и повлекување на новинарските екипи од прес-конференциите.

Штрајкот писмено беше најавен една седмица пред да стартува, но надлежните ги игнорираа барањата на „Медиум објектив“, кои што првпат биле упатени кон Владата на 24 ноември минатата година.

Дали Владата и надлежното министерство ќе имаат разбирање за лошата ситуација во која се наоѓаат регионалните и локални електронски медиуми и ќе понудат решенија, ќе се знае по утрешниот состанок во министерството за информатичко општество и администрација.

Коментари

коментар(и)