ВИДЕО: Општината ќе гради нов современ градски пазар, продолжува реконструкцијата на Соколана

Реконструкцијата на Соколана ќе продолжи кон крајот на месецов, информираше градоначалникот Максим Димитриевски на вчерашниот брифинг со новинарите. Тендерската постапка за засилување на статиката и промена на кровниот покривач на Соколана е завршена, а добиена е и градежната дозвола, истакна Димитриевски. За него, реконструкцијата на Соколана е проект од значење не само за општината, туку и пошироко, бидејќи станува збор за објект кој е под заштита на државата, за што очекува Владата во иднина да обезбеди дополнителни средства со коишто ќе се помогне во реконструкција на истиот.

-Претходно обезбедивме средства од околу 9 милиони денари коишто ни беа дадени со одлука на Влада, а потоа истите беа одземени. Токму затоа, оваа инвестиција ќе оди на сметка од општинскиот буџет. Ние имаме обезбедено околу 8 милиони денари буџет, нешто приближно колку што беше обезбедено и од Владата, износ којшто ни беше доделен од страна на Владата, а потоа беше повлечен со образложение дека не сме го изреализирале тој износ, а во меѓувреме изработивме проект за којшто чекавме повеќе од година дена за добивање согласност и конзерваторско мислење. Од моментот кога ги обезбедивме сите согласности и требаше да ни биде дадена дозвола бидејќи станува збор за објект под заштита на државата, беше донесена дозволата од министерството за транспорт и врски, а веднаш потоа експресно укината. Реагиравме до министерството на што ни образложија што дополнително треба да обезбедиме како документација и конечно пред седум дена ја добивме дозволата”, рече Димитриевски.

Освен реконструкија на Соколана, општина Куманово планира и нов современ градски пазар на локација на Зелениот пазар во градот, без содржини за домување.

„Како општина би сакале да изградиме современ пазар, модерен пазар, но без содржини за домување и истиот би имал подземно паркирање по примерот на 1 Мај Куманово и дополнителни содржини, модерни тезги, отворен Зелен пазар, затворен дел на пазарот и сето тоа како што доликува на нашиот град. Ние сме во фаза на изготвување на идејно решение за изградба на современ градски пазар на локацијата на зелениот пазар. Во тек е процес за затворање на постапките за стекнување со сопственост на земјиштето, процес којшто не бил претходно завршен од ниту еден менаџер на јавното претпријатие или пак од општината, а потоа ќе пристапиме кон конечно изготвување на реално решение согласно важечката урбанистичка планска документација на оваа локација, којашто не предвидува зграда или станбен комплекс”, категорично тврди градоначалникот Димитриевски.

Димитриевски на брифингот со новинари најави изградба и на четири нови детски катчиња на територијата на општина Куманово и тоа локалитет Водовод, улица „Есперанто“, улица „Лесковачка“  и село Черкези.

 

Коментари

коментар(и)