Во Занаетчискиот дом кумановци вчеравечер имаа можност да го проследат предавањето од проф. д-р Кирил Пенушлиски. Предавањето е завршен сегмент од обемниот, мултидисциплинарниот проект посветен на македонската народна борбена лирика и на нејзината интерпретација во делата на македонските ликовни уметници.
Проектот „Црвен се барјак развева“ ги поврзува избраните народни борбени песни со дела на македонски ликовни уметници. Во делата претставени на изложбата, македонските уметници ги оживуваат и надградуваат приказните и историските случки од народната лирика, придонесувајќи кон формирањето на современиот македонски визуелен идентитет и кон зајакнување на колективната меморија.
„Црвен се барјак развева“ се занимава со прашања поврзани со фолклорот, националниот идентитет, традицијата и историјата, како и со развојот на модерната и современата македонска ликовна култура. Притоа, особено внимание е посветено на визуализацијата на патриотските и херојските мотиви што произлегуваат од народната поезија.
Проф. Д-р Кирил Пенушлиски (роден 1977) е македонски историчар на уметност. Дипломирал историја на уметност со филм и филмска теорија во САД, магистрирал историја на уметност во Шкотска, а докторирал на Националниот институт за уметност во Париз. Тој е професор по историја на уметност на Интернационалниот универзитет Европа Прима во Скопје, бил и визитинг-професор во Белград и Нови Сад а го држи и постдипломскиот модул за модерна и современа уметност на Катедрата за Историја на Уметност на УКИМ. Пенушлиски е автор на бројни изданија во областа на уметноста (монографии за Мартиноски, Личеноски, ДЛУМ), како и на повеќе студии за стрип и филм.
