Премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и премиерот на Бугарија Галаб Донев заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, директорот на железници Хари Локвенец и Анди Аранитаси од ЕБОР денеска присуствуваа и се обратија на настан по повод отпочнувањето на градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
Премиерот Ковачевски истакна: „Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, железничко поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина.“
Премиерот на Бугарија Донев рече: „Со големо задоволство ја прифатив поканата на премиерот Ковачевски да присуствувам на церемонијата за одбележување на почетокот на изградбата на маршутата од источниот дел на Коридорот 8, за железничкиот пат кој што без сомневање е важен како и за Бугарија до Северна Македонија така и за Албанија. Истиот без сомневање ќе придонесува и за додадена вредност за развојот на целиот наш регион. Во минатите над 140 години се реализираше инфраструктурата која што беше потребна за денешниот Коридор број 8, тој беше желба на многу генерации од двете страни на границата.“