„Независна Република Македонија за секој од нас стана благослов што треба да се негува и развива, почитувајќи го мислењето и потребите на сите. Иако сме различни, да останеме единствени и сплотени“, порача градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, од свеченото одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
Вчера, пред споменикот на Жена борец, на малиот градски плоштад цвеќе положија претставници на Општината, Советот, Собранието, Владата, Армијата, Секторот за внатрешни работи Куманово, здружението на борци, ЗАПВАРС, политички партии, државни институции, граѓански здруженија…
– Секој жител на нашата држава вистински се гордее на овој значаен датум за нас, на кој беа удрени темелите на слободна и демократска држава. Независна Република Македонија за секој од нас стана благослов што треба да се негува и развива, почитувајќи го мислењето и потребите на сите. Ова е нашиот град во кој живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи. Сите не спојува разбирање и почит едни кон други, создавајќи совршена мултиетничка средина. Да бидеме мудри во постапките, решителни во одлуките, широкогради во почитта кон другиот. Иако сме различни, да останеме единствени и сплотени, нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Химната на Македонија на одбележувањето на празникот ја изведе оперскиот пејач Влатко Груевски.
Дел од настанот организиран од Фондацијата за култура и спорт и Општина Куманово беа и ученичките во СОУ „Перо Наков“, Михаела Трајковска, Ивона Краљевска и Евгенија Атанасовска.
Од централната прослава на Денот на независноста на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски порача дека независноста не е само потпис на хартија, таа е жртва, борба, љубов кон оваа света земја.
„Пред 34 години се случи историска пресвртница, се крена јарболот на независноста и се слушна гласот на сите оние кои споделуваа визија за самостојна и независна Македонија. Нашиот приоритет се европските интеграции, но достоинствено, а не засрамено и понижено“, вели Мицкоски.
Пред триесет и четири години на осми септември, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.