ВМРО-ДПМНЕ: Бараме вонредна седница за загадувањето

Советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ од претседателот на Советот на општина Куманово денеска ќе поднесе барања за свикување седница, на која единствена точка на дневниот ред ќе биде енормното загадување во градот.  Според нив состојбата е алармантна, бидејќи здравјето и животот на кумановци се загрозени, а градоначалникот и локалната власт не преземаат никакви мерки.

-Сакаме уште еднаш да ја потсетиме јавноста дека СДСМ во изборната кампања пред граѓаните ветуваше мерки со кои ќе ја намали загаденоста. Тогаш зошто во општина со која раководи СДСМ не се преземаат овие мерки? Зошто СДСМ не ја користи можноста на дело и со пример да покаже како функционираат мерките кои ги ветува-праша Драган Петковски од ОК на ВМРО ДПМНЕ од Куманово.

Петковски потсети дека ВМРО ДПМНЕ уште пред два дена побара општината да преземе конкретни мерки, со цел да се намали огромната концентрација на токсични материи во воздухот, меѓу кои ПМ 10 честичките, кои достигнаа и до рекордни 676 микрограми на метар кубен.

-Претходно станицата за мерење на квалитетот на воздухот не функционираше, но сега кога секој може да види колкава е загаденоста на воздухот во Куманово, никој нема право на изговор-истакна Петковски.

Од ВМРО ДПМНЕ  прашаа дали кумановци треба да чекаат проблемите да се решат сами од себе или пак да падне снег за да се намали загаденоста.

 

Коментари

коментар(и)