По тримесечна пауза, градскиот затворен базен следната седмица ќе биде отворен само за членовите на пливачките клубови. За рекреативните пливачи ќе се чека дополнителна одлука на Владата. Директорот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ , Даниел Стојчевски информира дека спортскиот објект ќе работи согласно Протоколот за отворање и работа на базените за пливачките клубови во државата, кој содржи препораки и мерки за корисниците пред пливање, за време на тренингот и после тренингот.
-Дадени се одредени насоки од Владата како тоа ќе функционира и на кој начин ќе биде изведена таа работа. Ние како јавно претпријатие сме подготвени, градскиот затворен базен е во добра кондиција, редовно се одржува, вработените се на своите места и ги очекуваме посетитителите. Извршена е и дезинфекција на самиот градски базен и мислам дека со оглед на тој протокол кој што беше утврден вчера мислам дека ќе се справиме успешно, мислам дека можеме да го спроведеме протоколот . Од наредната недела ќе започнеме со процес да дефинираме што значи пливачки клуб, ќе почнеме процес за склучување посебни договори со нив, ќе им биде вметнат и член за почитување на протоколот и мислам дека од наредната недела дека ќе можеме да започнеме. Се надевам дека ќе може да се пушти и градскиот базен , изјави Даниел Стојчевски, директор на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово
Да не се користат соблекувалните, тушевите, да се одржува препорачаното растојание меѓу пливачите, тренерите и обучувачите задолжително да носат маска се само дел од препораките што треба да се почитуваат согласно протоколот.
-Нема ограничување на бројката на корисниците, меѓутоа има ограничувања при влезот во соблекувалната, каде што е укажано дека корисниците мора да дојдат спремни и да влезат директно на базенот, да не се користат тушевите, да не се пресоблекуваат во соблекувалните, по можност да се користат и трибините кои што ги имаме во затворениот градски базен и да има растојание помеѓу секој пливач минимум од два метри, тренерите и оние кои ги обучуваат ќе мора задолжително да носат маски, децата по завршување со пливање ќе мора задолжително да носат маски, а децата по завршување со пливање ќе мора директно да го напуштат градскиот базен. Нема да се користат тушевите и соблекувалните, изјави Стојчевски.
Стојчевски посочува дека во моментов јавното претпријатие нема активен договор со ниту едно од петте пливачки друштва. Договор нема ниту со ватерполо клубот од Куманово, меѓутоа за овие клубови ќе се чекаат насоки од надлежните.