Европа мора да им се спротивстави на Унгарија и Полска

Џорџ Сорос (George Soros)

Европската унија не може да си дозволи отстапување од одредбите за владеење на правото што важат при распределбата на средства за земјите членки. Според начинот на кој ЕУ ќе одговори на актуелното оспорување на тие одредби од страна на Унгарија и Полска, ќе се утврди дали таа ќе преживее како отворено општество кое е верно на вредностите врз кои е основано.

Унгарија и Полска ставија вето на предложениот седумгодишен буџет на Европската унија од 1,15 билиони евра (1,4 милијарди американски долари) и на европскиот фонд за закрепнување од 750 милијарди евра. Иако двете земји се најголемите корисници на буџетот, нивните влади категорично стојат против условот за владеење на правото, што ЕУ го усвои по налог на Европскиот парламент. Тие знаат дека го нарушуваат владеењето на правото на блатантни начини и не сакаат да ги платат последиците.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и, во помала мера, де факто владетелот на Полска, Јарослав Качињски не се спротивставуваат на апстрактниот концепт на владеењето на правото. За нив владеењето на правото претставува фактичко ограничување на личната и политичката корупција. Ветото е ризичен потег што двајцата сериски прекршители го прават во состојба на очај.

Исто така, ова е чекор без преседан кој се случува во момент кога Европа страда од опасен наплив на случаи на КОВИД-19, и кој предизвика конфузија за претставниците на другите земји на ЕУ. Меѓутоа, по првичниот шок, преку внимателна анализа се увиде дека постои начин да се заобиколи ветото.

Прописите за владеење на правото веќе се усвоени. Во случај да не се дојде до договор за нов буџет, стариот буџет, кој истекува на крајот на 2020 година, се продолжува на годишно ниво. Според овој буџет, за Унгарија и Полска не следуваат никакви исплати, бидејќи нивните влади го кршат владеењето на правото.

На сличен начин, фондот за закрепнување, наречен Next Generation EU (Следната генерација на ЕУ), може да се имплементира преку примена на подобрена процедура за соработка, како што предложи Гај Верхофстад. Доколку ЕУ ја одбере оваа опција, ветото Орбан-Качињски може да се заобиколи. Прашањето е дали ЕУ, можеби со германската канцеларка Ангела Меркел како предводник, може да ја собере потребната политичка волја.

Јас сум посветен поддржувач на ЕУ како модел на отворено општество изградено врз владеењето на правото. Бидејќи сум со унгарско еврејско потекло, особено сум загрижен за ситуацијата во Унгарија, каде што сум активен како филантроп повеќе од 30 години.

Орбан во Унгарија изгради детално разработен клептократски систем, со крајна цел – ограбување на земјата. Тешко е да се процени за колкава сума ги збогатил своето семејство и пријателите, но голем дел од нив станале екстремно богати. Орбан сега го користи новиот бран на КОВИД-19 за да ги измени унгарскиот Устав и изборниот закон (повторно) и да си ја утврди својата доживотна позиција како премиер со помош на уставот. Тоа е трагедија за народот на Унгарија.

Ќе наведам неколку примери за тоа како Орбан го ограбил унгарскиот народ. Тој префрлил огромни суми на јавни пари на голем број приватни фондации кои индиректно ги контролира. Со помош на итар уставен трик, Орбан сега трајно ги отстранува овие средства од јавниот домен; потребно е двотретинско парламентарно мнозинство за средствата да се вратат на унгарскиот народ. Кога би се собрале сите износи, би се дошло до сума од речиси 2,8 милијарди долари.

Во низа трансакции што претставуваат проневера, компании блиски до Орбан купиле над 16 000 вентилатори (вентилирачки респираторни машини) во име на Унгарија со вкупна цена од речиси милијарда долари, а нивниот број е далеку поголем од бројот на кревети на интензивна нега и медицински персонал што би можел да работи со нив. Анализата на податоците за меѓународна трговија покажува дека Унгарија платила најмногу во ЕУ за вакви машини од Кина, во даден момент плаќајќи над 50 пати повеќе од Германија.

Една од овие компании обезбедила и нарачка од Словенија, чиј главен министер, Јанез Јанша, е близок политички сојузник на Орбан. Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) треба да испита дали ЕУ била измамена. Треба да се испита неодамнешниот договор за руската вакцина, според кој Унгарија ќе биде првата европска земја што ќе ја употреби.

Во исто време, Орбан бара начин да избегне одговорност за овие постапки и презема чекори за да спречи повторување на локалните избори во 2019 година, кога неговата партија Фидеш ја изгуби контролата врз општинската влада на Будимпешта и други поголеми градови. Тој свесно и намерно се труди да ја лиши Будимпешта од финансиски ресурси, ставајќи вето на барањето на градот да позајми пари од Европската инвестициска банка за да купи нова опрема за масовен транспорт што може да понуди можности за социјално растојание. Будимпешта во моментов е соочена со недостиг од 290 милиони долари во својот буџет за 2021 година. Слични услови преовладуваат и во другите градови со локалните самоуправи кои не се контролирани од Фидеш.

Опозициските партии во Унгарија храбро се обидуваат да му се спротивстават на Орбан со формирање заедничка листа на кандидати за општите избори во 2022 година. Но нивните шанси за успех се ограничени затоа што Орбан може за кратко време да ги смени правилата, како што веќе и направи неколку пати претходно. Поволно за него, Орбан планира да ги направи најновите измени во изборниот закон додека пандемијата беснее, Будимпешта е под полициски час, а војници патролираат по улиците.

Покрај тоа, Орбан има речиси целосна контрола врз руралните делови на земјата, каде што живее поголемиот дел од населението. Тој ги контролира информациите што ги добиваат, а гласањето во многу села не е тајно. Во суштина, не постои начин на кој опозицијата може да надвладее.

Само ЕУ може да помогне. Фондовите на ЕУ, на пример, треба да се насочат кон локалните власти, каде што сè уште постои функционална демократија во Унгарија, за разлика од националното ниво.

ЕУ не може да си дозволи отстапување од одредбите за владеење на правото. Според начинот на кој ќе одговори на актуелното оспорување на тие одредби од страна на Унгарија и Полска, ќе се утврди дали таа ќе преживее како отворено општество кое е верно на вредностите врз кои е основано.

 

Џорџ Сорос е претседавач на Сорос фонд менаџмент и Фондациите Отворено општество. Тој е пионер на индустријата за хеџ-фондови и автор на голем број книги, вклучувајќи ги и The Alchemy of Finance(„Алхемијата на финансиите“); The New Paradigm for Financial Markets: The Credit Crisis of 2008 and What it Means („Новата парадигма за финансиските пазари: Кредитната криза од 2008 година и нејзиното значење“) и The Tragedy of the European Union: Disintegration or Revival? („Трагедијата на Европската унија: Распад или преродба?). Неговата најнова книга е In Defense of Open Society (Во одбрана на отворено општество)(Public Affairs, 2019 година).

Коментари

коментар(и)