ЕВРОПСКАТА УНИЈА ТРЕБА ШТО ПОСКОРО ДА ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ ЗА БАЛКАНОТ

САБИН  СЕЛИМИ

 

Најмоќниот надворешнополитички инструмент на ЕУ – нормативното влијание на членството – беше најдобрата алатка во минатото. Од Пиринејскиот Полуостров до постсоцијалистичка Централна и Источна Европа, ЕУ ја прошири својата сфера на влијание. Меѓутоа, денес, за жал, веќе не е така.

„Западен Балкан е дел од истата Европа како и Европската Унија. ЕУ не е целосна без него“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. „Мојата комисија ќе направи сè за да го придвижи нанапред процесот на пристапување. Меѓутоа, Комисијата на ЕУ е парализирана од нејзините земји членки, кои имаат право на вето за давање дозвола за нови членки.

ЕУ е заложник на приоритетите на своите земји членки и на процесот на донесување одлуки што е оставен на милост и немилост на националните изборни циклуси. Блокирањето на пристапот на Албанија и Македонија и недоделувањето безвизен режим на Косово не влијае поволно на имиџот на ЕУ во регионот.

Земјите членки не успеаја да одредат датум за продолжување на пристапните преговори со Македонија, загрозувајќи ја владата во Скопје која го заложи целиот свој кредибилитет во решавањето на спорот за името со додавање на додавката „Северна“ на своето име и продолжување напред кон процесите за пристапување во ЕУ. Сличен застој има и со Косово. Дури и по исполнувањето на сите услови и чекањето да им се одобри безвизно патување во Шенген зоната, Косовците остануваат изолирани до ден-денес.

„Искрено, постои дискусија меѓу 27-те членки за нашите капацитети за примање нови членки“, рече претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на прес-конференцијата по самитот во Словенија минатата година. Вкупното БДП на преостанатите шест балкански земји може да се спореди со БДП-то на Словачка, сите шест заедно бројат само околу 18 милиони луѓе. Во однос на населението, тоа е помалку од Украина, односно приближно е колку Северна Рајна-Вестфалија во Германија. Спротивно на изјавата на Мишел, Балканот очигледно не претставува закана за апсорпциските капацитети на ЕУ.

Бидејќи само малцинство граѓани во ЕУ го поддржуваат натамошното проширување, а мнозинството сака национални граници за безбедност, членството изгледа неизвесно за Балканот. Ова ја одразува внатрешната политичка дебата на ЕУ, која е под влијание на перцепциите на граѓаните за високите нивоа на имиграција, особено сега кога блокот го погодија една по друга бегалска криза. Ова може да го објасни бавниот процес на проширување што би го опфатил Балканот.

Извор: pixabay.com

Балканот секогаш ќе тежнее да влезе во ЕУ. Ограничувањето на слободата на движење никогаш нема да го смени тоа. Балканската младина ќе продолжи да мигрира кон јадрото на Европа, а политичката динамика ќе станува сè полоша за оние кои ќе останат. Таквата ситуација ќе го зајакне и влијанието на малигните надворешни сили кои се веќе активни и сакаат да создадат хаос во овој ранлив агол на Европа.

Ако ЕУ не се прошири, ќе се прошират другите

ЕУ останува примарен трговски партнер и инвеститор на регионот. Исто така, ЕУ е таа што го обезбеди најголемиот дел од помошта за Ковид и сега го финансира закрепнувањето по пандемијата и зелената и дигиталната транзиција. Меѓутоа, неисполнувањето на своите заложби да продолжи со пристапувањето може да го поттурне Балканот во прегратките на други играчи како Кина и Русија. Овие две земји ќе ги засилат своите напори да го пополнат празниот простор оставен во регионот.

Кина влезе со заеми кои во суштина се без никакви политички услови. Лидерите во регионот ова го гледаат како подарени пари. Во 2014 година, Црна Гора прифати заем од 1 милијарда долари за изградба на пат, кој оттогаш се мачи да го исплати. Русија, од друга страна, ја гледа празнината како можност и ја зголемува поддршката за групите и политичарите за понатамошна дестабилизација и искористување на тековните безбедносни и политички кризи во регионот.

Руската инвазија на Украина, особено, предизвика шокови низ целиот Балкан. Босна и Херцеговина е уште една земја која може индиректно да настрада поради последните случувања во Украина. Националистичките групи гледаат на нововоскресната Русија како можност повторно да ризикуваат и да се надеваат на поповолен исход. Конфликтот помеѓу заедниците би можел повторно да се разгори доколку локалните актери почувствуваат дека имаат руска поддршка.

Неспроведување на проширувањето нема да биде само закана за безбедноста и стабилноста на регионот, туку ќе биде и неуспех на проектот Европа да ужива целосна слобода и мир. Тука е и опасноста дека желбата на ЕУ да биде синоним за моќ ќе стане сè подалекусежна и дека Европа ќе го изгуби својот геополитички капитал во регионот.

Итно треба да се појде напред

Ситуацијата во Украина навистина ја промени Европа и треба да послужи како мотивација за земјите членки да ги зголемат своите напори за надворешна политика и безбедност. Тоа е повик за будење до сите Европејци, што ги поттикнува да бидат пообединети.

Веќе не живееме во стариот светски поредок каде мора да се спроведуваат правилата, а прекршителите да се казнуваат. Преминуваме кон нов светски поредок каде моќта мора да се избалансира со моќ. ЕУ треба брзо да се прибере и да се подготви за овој нов поредок, каде што суверенитетот и безбедноста може да бидат загрозени. Крајно време е да се развие нова европска оска, заедно со другите членки на НАТО, како САД, Велика Британија и Турција, што може да биде противтежа на моќта на другите малигни играчи на континентот.

За земјите од Балканот членството во ЕУ е егзистенцијален приоритет. Придобивките од проширувањето би биле навистина значајни за регионот. Со вклучување на мултикултурен регион, ЕУ ќе ја покаже својата посветеност на принципот на различност и кон тоа да остане отворена за сите Европејци, без разлика на нивното културно или религиозно потекло. Што е најважно, ЕУ би покажала дека е способна да биде моќен глобален актер.

Времето изгледа поволно за пообединета европска надворешна политика, но и безбедност и проширување со Балканот, со наратив што може да го трансформира идентитетот и улогата на ЕУ во светот кој брзо се менува.

Во услови на посилна одбрана и безбедност, која би го вклучила и Балканот, ЕУ треба да може да одговори на кризите во Европа и пошироко. Ова може да значи дека Европа ќе мора да ги зголеми трошоците за одбрана и да ги зајакне капацитетите – што САД и НАТО веќе одамна го тврдат.

Коментари

коментар(и)