Богата програма за „Ноемвриските денови 2025“ најавува општина Куманово со кои ќе се одбележат 506 години од постоењето на градот и 81 година од ослободувањето од окупаторот.
Изложби, промоција на книги, литературни конкурси, концерти на културно-уметнички друштва од Куманово, спортски натпревари се дел од најавената програма.
Повеќе активности се предвидени и токму на Денот на ослободувањето на Куманово. На 11 Ноември ќе се одржи Меѓународен фудбалски турнир во младински категории на фудбалските терени на Спомен Костурница и теренот кај спортската сала со почеток во 10 часот, во 11 часот е свеченото положување цвеќе на Спомен Костурница, во чест на загинатите борци во Народноослободителната војна, а во 12 часот во Занаетчиски дом ќе се одржи свечена седница на Советот на општина Куманово.
Активностите во рамките на Ноемвриските денови ќе завршат на 28 месецов со самостојна изложба на Марина Цветановска- Мартиновска насловена „(ДЕ) КОДИРАН БИТ“, во Уметничката галерија при НУ „Музеј“ со почеток во 19 часот и 30 минути.
