Заразните болести во опаѓање

Центарот за јавно здравје бележи намалување на бројот на заразни болести во текот на минатата година споредбено со претходната, а во однос на 2013-та година намалувањето е за околу  23 проценти, рече денеска  епидемиологот  Јадранка Стаменковска, презентирајќи го пред советниците годишниот извештај за движење на заразните болести во 2015-та година. Стаменковска се задржа и на активностите кои што центарот за јавно здравје ги презема во однос на влезот и транзитот на мигрантите. Како што посочи, најмногу  се работело на преземање превентивни активности за извршување на дезинфекција, дератизација, дезинсекција и епидемиолошки увиди во Прифатно-транзитниот центар – Табановце.

Дел од советниците кои расправаа за годишниот извештај упатија апел до родителите навремено да ги вакцинираат своите деца и да не потклекнуваат на антивакциналните кампањи кои што се водат последните години на ниво на државата. Редовна вакцинација е најдобрата гаранција дека болестите кои што веќе се искоренети на нашите простори нема да се вратат, велат надлежните.

Освен за заразните болести се расправаше и за извештајот за реализација на Националната годишна програма  за јавно здравје во РМ за општина Куманово за 2015 –та година –санитарно хигиенската  дејност со здравствена екологија.  На прашањето дали редовно се испитува  квалитетот на водата во бунарите во Романовце , доктор Величковски рече дека  квалитетот на водата и безбедноста се следи според годишниот план од јавните водоснабдителни објекти.

Советниците на денешната седница ги изгласаа и двата извештаи предложени од надлежните во Центарот за јавно здравје.

Коментари

коментар(и)