Со променливото време и наглите намалувања на температурите, зголемен е напливот на пациенти на ургентно-хируршкиот центар во Куманово. Според лекарите, кај поголемиот дел од пациентите станува збор за сезонски грип, а се јавуваат и пациенти со астма, со хронична опструктивна белодробна болест. Бројот на прегледите особено е зголемен во текот на дежурствата, односно по затворањето на приватните здравствени ординации и за време на викендите, празниците.
-Овие месеци се карактеристички за вирусот на грип кој што се карактеризира со покачена температура, мускулни болки, главоболки, општи болки по телото кои што понатаму се карактеризираат и со зголемени кашлици, болки во грлото. Нема точно определен тип на пациенти кои што доаѓаат, имаме од различна возраст пациенти, во Ургентниот центар ги третираме повозрасните, односно пациенти над седум години, а за другите пациенти пооптоварено е детскиот оддел. Во овој период секојдневно е зголемен обемот на работа, претежно во текот на дежурството, односно по затворање на примарното здравство, но и преку ден имаме зголемен број на прегледи. Освен од грип, повозрасните пациенти во текот на магловитите денови се жалат на астма и на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), но сега во овој период најприсутни се пациентите со грип, изјави д-р Дарко Каранфиловски од Општа болница Куманово.