Зоран Милески – нов командант на ЗОК

Бригадниот генерал Зоран Милески е новиот командант на Здружената оперативна команда. Во кумановската касарна „Боро Менков“  денеска  со воена свеченост беше извршено примопредавањето на должноста. Милески во своето обраќање истакна дека обучувањето на командите и единиците, добрите меѓучовечки односи, создавање на подобри услови за работа на вработените, но и  справување со сите видови на закани се клучните сфери на кои ќе се посвети наредниот период.

 -Изминатиот период беше тежок, исполнет со предизвици на секое поле, прогласена кризна состојба на делот од јужната и северната граница каде повеќе од една година нашите единици се ангажирани за справување со бегалската криза , исто така не изостана поддршката на цивилното население при отстранување на последиците  од елементарната непогода  предизвикана од поројните дождови во скопскиот и тетовскиот регион. Токму поради ова , довербата и одговорноста која ми е доделена со моето назначување за командант на ЗОК  ми претставува исклучителна обврска, чест и уште поголема одговорност да продолжам да работам со сите свои сили се со една цел- постигнување на врвни резултати. Припадници на ЗОК , заедно ќе продолжиме со поддршката на градењето на капацитетите на армијата за интеграција во евроатланските безбедносни институции, подготвени да го дадат нашиот придонес во операциите за поддршка на мирот во кризните подрачја ширум светот, изјави Зоран Милески, новопоставен командант на ЗОК  

 Новиот командант на ЗОК е поставен со указ на врховниот командант на вооружените сили и претседател на РМ Ѓорѓе Иванов, а досегашниот командант генерал -мајор Васко Ѓурчиновски е назначен за висок воен претставник на РМ во седиштето на НАТО во Брисел.

 -Резултатите на нашата работа денес можат да се видат на јужната и северната граница , како и од операциите за поддршка на мирот и многубројните меѓународни вежби каде што учествувавме. Верувам дека новиот колектив ќе го водите во вистинска насока  на остварување на нашите национални интереси и цели и ќе бидете подготвени да одговорите на сите идни предизвици,  изјави Васко Ѓурчиновски, досегашен командант на ЗОК

 Заменик на началникот на Генералштабот на АРМ генерал мајор Мухамед Рацај предавајќи го военото  знаме на новиот командат на ЗОК му посака успешно командување и водење на командата која досега постигнала високи резултати и посветеност во спроведување на реформите во одбраната.

  -Оваа команда во изминатиот период постигна високи резултати во оспособувањето на единиците за извршување на наменски задачи  и  исклучителна посветеност  во спроведувањето на реформите  во одбраната. Да се биде на чело на ЗОК претставува огромна обврска но и голем предизвик. Ве уверувам дека ќе ја имате потполната поддршка од генералштабот на АРМ во решавањето на секој предизвик.  Затоа уште еднаш , на новиот командант, му посакувам успршно да се справува  со сите предизвици и да продолжи по патот на понатамошна доградба на рејтингот  на командата со постигнување на зацртаните цели на АРМ, изјави Мухамед Рацај, заменик на началникот на ГШ на АРМ

На свеченоста присуствуваа и генерали во АРМ, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици на АРМ и други гости.

Коментари

коментар(и)