Извиднички камп во Пелинце

Извидничкиот одред „Скаут“  изминатиов викенд организираше извиднички камп во Пелинце. Како што информира Цветанка Вељковска од извидничкиот одред, станува збор за реализација на последната  активност од програмата на кампањата „Секој може да помогне, помогни и ти“ , која што „Скаут“  ја спроведува во соработка со Отворена порта. На кампот учествуваа ученици на 12 и 13 годишна возраст кои што претходно беа вклучени во ликовниот и литературен конкурс распишан од извидничкиот одред „Скаут“  на тема „Социјалните мрежи како опасност од станување жртва на трговија со луѓе“.

-Тука тие имаа можност да спијат во шатори, вреќи што за нив беше прво искуство да се кампува и мислам дека беше незаборавно бидејќи целото време им беше исполнето со најразлични активности во природа, од игри за запознавање  за тимска работа во кои тие требаше да соработуваат заедно и да се запознаат подобро. Беа поделени во тимови и се натпреваруваа во полигон, скок во далечина, влечење со јаже,  најразлични игри за снаодливост, брзина, логичко размислување со што имаа можност да видат дел од активностите кои ние ги имаме како извидници , имаа прошетка во природата во Пелинце, логорски оган и жива музика за време на вечерните часови, изјави Цветанка Вељковска, Извиднички одред „Скаут“  

Кампањата „Борба против трговија со луѓе“  е со цел да ги информира и едуцира граѓаните преку неформални методи на можните опасности од трговија со луѓе со цел создавање на побезбедно општество, посочуваат од „Скаут“, додавајќи дека конкурсот е спроведен со цел младите повеќе да истражуваат на посочената тема. 

-Имаше и дел во кој беа изгледани едукативни видеа во врска со темата трговија со луѓе,потоа беа дискутирани видовите на трговија со луѓе, опасностите, беа дискутирани приказните на жртвите, пронајдовме доста примери во секојдневниот живот и во она што се случува околу нас, сето тоа беше со цел тие во иднина да станат попретпазливи и повнимателни. Конкурсот кој го спроведовме беше со цел тие повеќе да истражат за оваа тема, доколку не се запознени, така што сега на овие дискусии доста се вклучија и мислам дека тоа беше доста поучно за нив, малку повеќе беа свесни за тоа што е трговија со луѓе и во какви форми се јавува, изјави Цветанка Вељковска, Извиднички одред „Скаут “

Тридневниот извиднички камп се одржа во соработка со општинската организација на Црвениот крст од Куманово, Општина Старо Нагоричане и дел од бизнис заедницата.

Инаку, да потсетиме дека Исидора Божиновска, Ива Манасијевиќ и Миа Цветковска се првите три наградени учеснички на ликовниот конкурс , а Лина Цветановска, Милена Зафировска и Луна Димковска се наградените на литературниот конкурс на конкретната тема.

Коментари

коментар(и)