Изненадувања на претставата „Макбет“ за 14-ти февруари

Љубителите на театарот кои утревечер ќе ја проследат претставата Макбет, ќе уживаат во изненадувањата кои ќе ги подготви Театар Куманово, по повод Денот на вљубените и виното.  

Во Театар Куманово утревечер, со почеток во 20 часот, ќе се изведе претставата „Макбет“, а љубителите на театарската уметност, по повод 14-ти февруари, Денот на вљубените и вино, ќе ги очекуваат изненадувања. Делото на Вилијам Шекспир, а во режија на Андреј Цветановски, зборува за универзални вредности, мани на човекот кои не можат да се искоренат, зошто се впишани во неговиот ген. Претставата всушност зборува за амбицијата, вечната желба на човекот да биде на некое скалило погоре, ако може на највисокото. Љубовна приказна која што завршува со крв.

-Утре по повод Денот на вљубените во Театар Куманово ја имаме претставата Макбет, подготвивме едно мало изненадување за публиката, нудиме вино и колачи, така што ги повикуваме сите заинтересирани да дојдат да ја гледаат претставата, да дојдат половина час пред почетокот на претставата, да се дружиме по повод тој ден, да ја популаризиме претставата и публиката да биде присутна во нашиот театар-истакна директорот на кумановскиот театар Сашо Тодоровски.

Во оваа претстава играат главниот лик ги игра Горан Илиќ, Кети Дончевска Илиќ е во улога на Лејди Макбет, трите вештерки ги глумат Александра Пешевска, Сања Русеска и Александра Михајловска,  а дел од претставата се и Антонио Димитриевски, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ , Владо Дојчиноски, Давид Илиќ и Матеј Стојковски.

-Сметаме дека Макбет е дел од  општата култура, секој треба да ја погледне. Утре е денот на вљубените, денот на виното, има многу љубов во претставата, имаме и вино и колачи за посетителите во нашиот театар и ја покануваме кумановската публика да дојде да сведочи на тоа-дополни актерот Марко Трајковиќ.

-Утре е денот на вљубените и Макбет не смее да се пропушти од проста причина затоа што е Вилијам Шекспир најголемиот писател на сите времиња, драмски автор, дојдете да се дружиме со вино и со многу убава претстава- нагласи актерот Давид Илиќ.

Во кумановскиот театар вечерва ќе се изведе и реприза на претставата „Телефонот на мртовецот“, а бројни претстави следуваат и наредната недела. На почетокот на март се очекува и премиерата на новата детска претстава „Трнорушка“, а на 25-ти февруари гостува српската комедија „Чекајќи го министерот“ во која играат Лидија Вукичевиќ, Семир Гициќ и Сашо Ристовски. Од театарот информираат дека заинтересираноста за оваа претставата е доста голема и останале уште мал број билети.

Коментари

коментар(и)