И покрај намаленото количество на вода во браните Глажња и Липково, граѓаните годинава ќе имаат редовно водоснабдување, информираат надлежните од АД Водостопанство „Кумановско – липковско поле“. Речиси полупразните акумулации се резултат на недостигот на врнежи од дожд изминатиов период.
-Во браните има седум милиони кубни метри вода што е едногодишна потрошувачка на вода од ЈП „Водовод“ Куманово, така што кумановци можат да бидат спокојни, вода за пиење ќе има. Им препорачувам на земјоделците да бидат претпазливи со планирањето на посевите, бидејќи, доколку во иднина нема доволно врнежи од дожд, тогаш претпријатието нема да биде во можност да испорача вода за наводнување, изјави Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство „Кумановско –липковско поле“
За разлика од годинава, податоците на претпријатието покажуваат дека нивото на акумулациите во овој период од годината, изминатите години се движело од 17 до 18 милиони кубни метри вода.
Инаку, оваа година освен што ќе бидат обезбедени резервни делови за сите водостопанства во државата, поинтензивно ќе се започне и со расчистувањето на речните корита.
-Финансиската состојба на АД Водостопанство „ Кумановско -липковско поле“ е неповолна бидејќи имаме достасано долгови од претходните години, сметката е блокирана, но сепак дојдовме до финансиски средства преку Владата и со нив ќе се покријат долговите, така што годинава ќе почнеме поинтензивно да ги расчистуваме речните корита. Мислам дека оваа година ќе биде успешна за претпријатието. Преку Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство ќе се набават резервни делови за сите вододостопанства во државата, вклучително и за „Кумановско-липковско поле“, изјави Илиевски.
Оваа година претежно ќе се чистат речните корита во општините Ранковце и Крива Паланка.