Каул: Никој не треба да живее во камп за бегалци

Мигрантите кои повеќе од два месеца престојуваат во транзитниот центар Табановце денеска ги посетија претставници на СОС Детски села Интернационал. По обиколката на кампот беше испратена порака дека мигрантската криза мора некако да се разреши бидејќи многу е тешко за луѓето да живеат во ситуација на неизвесност и ограничен простор.

– Се обидуваме малку да ја подобриме нивната ситуација за да се чувствуваат барем малку како дома, но не е лесно гледате во какви услови живеат.  Ако мене ме прашуваме никој не смее и не треба да живее во камп за бегалци. Може да биде удобно колку и да сакате, но тоа никогаш не е како дома,  изјави  Сидарта Каул, претседател на СОС Детски села Интернационал

СОС Детско село се вклучи во справување со кризата уште на почетокот со дистрибуција на бебешка храна,  пелени, хигиенски средства,  а организацијата обезбеди и игротека за децата, како и тушеви за подобрување на хигиената.

-Од она што тие го кажаа и другите од делегацијата посебно од кампот во Гевгелија и кај нас дека условите за центри вакви, за кампови мислам дека беа импресионирани за тоа колку се вложило во овој период кај и колку се има направено секако е дека неблагодарно да се споредува овие животни услови со оние вистински услови на кој било од нас или пак  на секое она дете  што го заслужува,  изјави Јулијана Гапо,национален директор на СОС Детско Село Македонија.

Делегацијата од СОС Детски села претходно ги посетила камповите во Грција,сега се во Македонија, а ќе продолжат во Србија.

Во транзитниот центар во моментов престојуваат 923 мигранти, од кои повеќе од 500 лица се ранлива категорија, мајки со деца. Надлежните максимално се трудат да им помогнат на мигрантите.

-Има уште работи кои што треба да се завршат,  да се доработат, не е ова дефинитивно се завршено како процес, како инфраструктура и објекти кои што одговараат на стандардите и условите за згрижување на бегалците, се трудиме максимално колку можеме тоа да го направиме , изјави Горан Стојановски, раководител на Транзитен центар Табановце

Наредните денови за најмалите ќе биде обезбедено уште едно детско катче , а се најавува и мало спортско игралиште бидејќи се уште не се знае до кога мигрантите ќе останат во Табановце.

 

Коментари

коментар(и)