Со третата транснационална средба што ќе се одржи во Полска на крајот на месецов, целосно ќе биде имплементиран проектот „Инклузивно образование на ученици со посебни образовни потреби и новодојдени“ што го реализира средното стручно училиште Киро Бурназ, заедно со уште пет други училишта и една организација. Како што информира координаторот на проектот и професор по македонски јазик и литература , Фросина Стојановска, носител на проектот под програмата за доживотно учење и Еразмус + програмата, Ка-2 е организацијата Culture 21 од Париз, а партнери се четири училишта од Романија, Полска и Франција и општинското основно училиште Толи Зордумис, како и здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша,“.
Очекуваните резултати од реализацијата на проектот , како што посочува координаторот Стојановска се обезбедување и промовирање на еднаков пристап до образованието за сите ученици, подобра образовна поддршка, зголемување и зајакнување на педагошки алатки преку обука на наставници, стекнување вештини, практики и знаење за инклузивно образование, развивање на знаењата и практиките на различни на наставници, истражувачи, родители ,институции , здравствени работници за подобра поддршка во инклузивно образование , откривање и дискутирање за практиките и алатките за инклузивно образование во рамките на европското партнерство, веб страна, состанови и семинари и печатење на Водич.
-Водичот содржи практични искуства со кои се соочуваат училиштата ос сите четири земји, како и образовните системи во секоја земја учесничка. Искуствата наведени во Водичот ќе бидат во педагошка форма и ќе овозможат не само да се раскаже приказната и целите , туку и елементи и методи , практични алатки кои ќе служат како упатство за практична работа на наставниците во наставата, изјави Фросина Стојановска, координатор на проектот и професор по македонски јазик и литература
Проектот „Инклузивно образование на ученици со посебни образовни потреби и новодојдени“ е одобрен и финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и се реализира во рок од две години, односно од први септември 2017- та до 31 август годинава.