Колегите се збогуваа од Павлевски

Колегите и соработници од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и Театар Куманово денеска се простија од директорот Роберт Павлевски, кој утринава загина во сообраќајна незгода. На комеморацијата  во центарот со кој раководеше во изминатите осум години, тие се осврнаа на неговата љубов кон театарот и посветеноста во работата.

-Ќе те сочуваме во нашите спомени онаков каков што беше ведaр, позитивен, секогаш во брзање. Го молиме Господ да им даде утеха и сила на неговото семејство да се соочат со загубата. Да му даде прекрасно место исполнено со спокој и музика, затоа што таа беше неговиот живот- изјави Сузана Трајковска, вработена во Центарот за култура.

Нагласија дека Павлевски не бил само нивен драг колега туку и голем човек и искрен пријател, кој се залагал за културата во Куманово.

-Верувајте за актер е многу тешко да кажува текст кој самиот го смислил отколку да кажува некој текст дури и од Шекспир и Достоевски особено е тешко кога тоа го прави за ваков повод. Верувам дека и таму ќе остане доследен на своите принципи и посветеност и нема да не изневери како сега заминувајќи-нагласи актерот Горан Илиќ.

На комеморацијата беа прочитани телеграми со сочувство до најблиските од директорите и соработниците од Македонскиот народен тетар, Драмскиот театар, албанскиот, турскиот, велешкиот, битолскиот, тетовскиот и други.

Погребот се изврши денеска во 15 часот на Градските гробишта.

Коментари

коментар(и)