Хуманитарната организација Крепост продолжува со своите акции за семејства во социјален ризик. Тие изминатиов период поделија пакети со храна и средства за лична хигиена на единаесет семејства од градот. Од организацијата посочија дека и во текот на летото ќе продолжат да обезбедуваат донации за лицата кои се сиромашни, кои имаат деца со посебни потреби, работно неспособни и болни.
– Се работи за семејства кои што во последните неколку месеци дел од нив застанаа на нозе, дел се вработија така што ми е мило што имаат свој правец и не се веќе на листата за донации. Се јавија и нови членови, се обидуваме да излеземе во пресред на сите луѓе на кои што им е потребно, многу ми е драго што мене како еден од основачите и претседател на Крепост што кога ќе се спомне доброчинството се поврзува со нашата хуманитарна организација Крепост, Куманово заживува, Куманово е свесно каде живее ги знаеме сите семејства кои се социјално загрозени со четири деца, со деца кои не посетуваат редовна настава, на кои што им треба позначителна грижа-посочи Георгиевски.
Од организацијата истакнаа дека имаат одлична соработка со општината, општата болница, Центарот за социјални работи, Црвениот крст, како и бројни приватни фирми кои секогаш им излегуваат во пресред.
-Ни се јавуваат луѓе на нашата фејсбук страница, ни кажуваат кај нас има едно семејство кое што мислам дека треба да го посетите, некој од нашите членови ќе замине таму ќе го види ќе поразговара, ќе праша што може да им помогне. Доколку имаат нешто проблеми околу ЕВН се обидуваме да им овозможиме да плаќаат на рати , доколку имаат потреба од медицинска помош во контакти сме со со јавната установа општа болница Куманово или со други институции во државата. Нашата правна помош, нашите колеги правници исто така излегуваат во пресред, така што секој во својата сфера на делување или на кој било начин помага и со тоа го буди хуманото срце на Куманово-додаде тој.
Георгиевски истакна дека во 2014 година кога ја формирале организацијата постоел сомнеж дали кумановци ќе сакаат да се вклучат во вакви акции. Но вели дека граѓаните тоа како едвај да го чекале. Изминатиов период тие имаа и акции за собирање облека за деца, снабдување со дрва, бела техника и слично. Во наредниот период се планирани донации за семејства од Кратово и Крива Паланка, чији домови биле зафатени од пожар.
-Планиравме да направиме еден хумнитарен концерт со наши локални естрадни уметници во контакт сме и со театарот Куманово да направиме една претстава и паричните средства од тие донации да бидат поделени на овие семејства. Месечните пакети со храна не ги забораваме, сепак храната е најважна по наше согледување за овие семејства-нагласи тој.
Георгиевски истакна дека Крепост нема да престане да делува во Куманово а упати апел особено до младите, основци, средношколци и студенти да се вклучат и да ја покажат хуманата страна на градот.