Во организација на културно – уметничкото друштво „Панче Пешев“ од 16 до 19 јули ќе се одржи Меѓународен фолклорен фестивал во Куманово. Повеќе од двесте учесници, членови на друштва од Порторико, Казахстан, Парагвај, Турција, Србија и Македонија ќе бидат дел од повеќедневното културно случување во градот. Освен домаќинот, КУД „Панче Пешев“ кое со својата игра и оро ќе се претстави на отворањето и на затворањето на фестивалот, ќе настапат и неколку друштва од Македонија (од Кратово, Крива Паланка, Скопје и Гевгелија).
Инаку, КУД „Панче Пешев“во јуни годинава со повеќе активности одбележа сто години успешно постоење. На јубилејниот годишен концерт на сцената во Центарот за култура настапија сите генерации членови на „Панче Пешев“, од најмладите до ветераните, кои што се достојни чувари на македонската културна традиција во Куманово.
Претходно беше промовирана и монографијата „100 години КУД Панче Пешев – Куманово“. Претседателот на друштвото Зоран Илиевски и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на промоцијата ја истакнаа значајната улога на „Панче Пешев“ во зачувување, негување и пренесување на македонската традиција, фолклор и културно наследство низ генерациите.