Заедничките гранични контроли One Stop денес веќе функционираат на граничните премини со Србија и Косово, а со потпишувањето на договорот со Република Албанија го заокружуваме процесот на воспоставување на овој современ систем со сите наши соседи кои не се дел од Шенген зоната, соопшти МВР.
Според надлежните, со имплементацијата на One Stop системот, граѓаните добиваат едно застанување, една гранична контрола и значително пократко време на чекање, а државите добиваат поефикасно управување со границите, поголема безбедност, повеќе трговија, туризам и регионална поврзаност.
„На Табановце, и покрај тоа што ова лето бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено. Истото го овозможивме и на Блаце – Елез Хан, а со пуштањето во употреба на системот на Јажинце – Глобочица ја заокруживме имплементацијата на заедничките контроли со Република Косово. Потпишаниот договор со Република Албанија е следниот важен чекор. Наскоро и таму ќе воспоставиме One Stop систем, со што Македонија ќе стане една од првите земји во регионот што ќе има ваков модел на заеднички гранични проверки со сите соседни држави надвор од Шенген зоната“, информира МВР.