Куманово ќе добие повеќенаменска градска куќа

Куманово наскоро ќе добие мултифункционална градска куќа. Општина Куманово  откако ја откупи старата градска куќа, која се наоѓа на улицата Иво Лола Рибар или попозната како Нагорички сокак, веднаш започна со подготвките околу проектната документација за целосна реконструкција на куќата, со средства обезбедени од Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП.

– Најголем проблем е што тој објект е под заштита на државата од втора категорија и треба конзерватовски услуги и согласност и мислам дека од септември најдоцна ќе се отпочне со реконструкција. Ќе биде еден прекрасен објект и ќе има младински центар, клуб за активисти и невладини здруженија, прекрасна бавча, ќе има и мал ресторан така да ќе биде мултифункционална куќа, кумановска куќа.  Општината ги има имотните листови, а го откупи и спорниот дел, средствата се од УНДП, бидејќи општината нема доволно финансиски средства сама да го изведе проектот, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово

Реконструкцијата на градската куќа ќе чини околу 200 илјади долари. Но, освен овој проект, УНДП финансиски ќе поддржи и други активности во Куманово.

-Отпочнуваме овие денови преку УНДП во Табановце 1,3 километри асфалтирање. Тоа е нивен придонес за бегалската криза, а ќе бидат доделени и средства за решавање на инфраструктурни проблеми во Сопот, бидејќи тоа е дел од бегалската криза и тука се тие  концентрирани. Тоа се пари од Обединети нации, УНДП и мислам дека ќе бидат целосно искористени – додава Дамјановски.

За асфалтирањето на локалниот пат во Табановце преку програмата ќе бидат обезбедени 90 илјади долари.  Освен од УНДП, локалната самоуправа за реализација на планираните проекти за развој на градот користи средства и од ИПА фондовите и од Европска банка за обнова и развој.

Коментари

коментар(и)