Во организација на Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Ризница“ од Куманово вчеравечер во Занаетчискиот дом се одржа традиционалната манифестација „Денови на балканска етно ризница“, годинава под наслов „Маргица Антевска со семејството и пријателите“.
Културно-уметничкиот настан, поддржан од Општината, посветен на Денот на ослободувањето на Куманово, беше во чест на 55-годишната кариера на истакнатата музичка уметница и позната вокална интерпретаторка Маргица Антевска.
„На сцената настапија и нејзините деца Марко Антевски и Милена Митковска, како и Нино Величковски, Ристо Краповски и Нацка Славкова, кои заедно ѝ подарија на публиката незаборавно музичко доживување. Присутните уживаа во изведбите на познати народни песни во етно стил и поп рефрени, со кои беше одбележан почетокот и богатата кариера на Антевска – уметница која со децении оставa длабока трага на македонската музичка сцена и е добитничка на бројни награди и признанија“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Со пригодни зборови пред присутните се обрати и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска.
